Предупредувањето на дисидентот доаѓа во момент кога Украина ги засили нападите врз руската воена логистика и енергетската инфраструктура, за што естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахкна изјави дека ја направило Русија „послаба“, а Киев се надева дека тоа би можело да му донесе предност на преговарачката маса.
Сепак, Каспаров тврди дека зголемениот притисок го прави Путин посклон кон ескалација отколку кон компромис и дека секој договор што нема да подразбира пораз на Русија само ќе ѝ даде време на Москва повторно да се прегрупира.
„Путин секогаш ескалира кога ќе почувствува дека е во неволја… најприродната форма на ескалација е провокација“, изјави Каспаров, поранешен светски шампион во шах, а денес еден од најистакнатите критичари на Кремљ во егзил.
Според Политико, Каспаров очекува дека таков потег би можел да вклучува упад во некоја земја на источното крило на НАТО, како Летонија или Естонија, со цел да се тестира дали другите членки на Алијансата, особено САД, би реагирале.
Предупредувањето на Каспаров се совпаѓа со проценките на лидерите на балтичките држави дека Русија би можела да ги засили провокациите на источното крило на НАТО. Литванскиот претседател Гитанас Науседа вчера изјави дека разузнавачките информации укажуваат на можност за ограничени напади врз критична инфраструктура во балтичките држави или Полска, вклучувајќи енергетски и транспортни системи и објекти поврзани со европската електроенергетска мрежа. Според него, засега нема информации за точната локација ниту за времето на можните напади.
Слично предупредување упати и претседателот на Летонија, Едгарс Ринкевичс, кој оцени дека Москва, соочена со сè посилен украински притисок, би можела индиректно да го тестира членот 5 од НАТО и механизмите за одговор на Алијансата и Европската Унија. Тој рече дека наредните месеци, па и следната година, ќе бидат особено важни за безбедноста на Балтикот.
Како еден од показателите дека Москва се подготвува за натамошен конфликт, Каспаров укажа на неодамна предложените измени на рускиот закон, со кои би се олеснила мобилизацијата преку укинување на лекарскиот преглед што претходно беше задолжителен за регрутирање војници.
„Не постои ниту еден единствен знак, ниту во руската пропагандна машинерија, ниту во потезите на руската влада, ниту во говорите на Путин, дека Кремљ се подготвува за мир“, рече тој, додавајќи дека сите показатели упатуваат само во една насока: „Војна, војна, војна, војна“.
Каспаров ги отфрли тврдењата дека Русија нема доволно ресурси за отворање нов фронт. Според него, Москва не би морала да започне инвазија од големи размери за да го поткопа кредибилитетот на НАТО, туку би можела да заземе мал пограничен град, можеби со мнозинско рускојазично население, и да почека да види како ќе реагира Алијансата.
Доколку САД потоа не помогнат во одбраната на нападнатата земја, рече Каспаров, Путин би ја постигнал својата цел: „НАТО повеќе не постои“.
Неговите изјави следуваат само неколку дена откако генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, призна дека „никој“ не знае како да го натера Путин да седне на преговарачка маса, додека руската инвазија врз Украина влегува во петтата година.
Каспаров е еден од десеттемина претставници на руската демократска опозиција што учествуваат во Платформата за дијалог со руските демократски сили на Парламентарното собрание на Советот на Европа. Целта на иницијативата е да им овозможи глас на руските демократи во егзил во европските институции. Каспаров рече дека една од непосредните цели е да им се помогне на Русите што ја напуштиле земјата да обезбедат правен статус и важечки документи по истекот на руските исправи.
Тој исто така оцени дека европските влади треба да покренат програма за привлекување образовани и стручни Руси кои се подготвени да раскинат со Кремљ.
„Која е најслабата точка на Путин? Паметните луѓе. Компјутерските стручњаци, инженерите, финансиските експерти… Ним не им е потребна социјална помош, туку само документи. Тогаш, зошто да не им се понуди можност да преминат на другата страна?“, рече тој.
Пошироко гледано, Каспаров смета дека Европа треба да се откаже од идејата дека војната може да заврши со компромис и целосно да се посвети на победата на Украина.
„Нашата најголема надеж е да го одвоиме Путин од елитите“, рече тој, тврдејќи дека украинските напади во внатрешноста на Русија веќе вршат притисок врз центрите на моќ во земјата. „Украинците вршат многу добра работа, бидејќи секогаш кога ќе погодат нешто, некој губи пари“.
Каспаров додаде дека Европската Унија треба дополнително да ги заостри санкциите и да го забрани издавањето туристички визи за руските државјани.
„Мораме да се погрижиме Путин да изгуби“, рече тој, „зашто во моментот кога Путин ќе ја изгуби војната, ќе падне и тој.“





