четврток, 16 јули 2026

ФТ: Пазарот останува речиси без резерви нафта додека Ормускиот Теснец повторно се затвора

Обновените судири околу Ормускиот Теснец го затекнаа светскиот нафтен пазар со речиси исцрпени резерви и без јасен извор што би можел да го надомести евентуалниот недостиг, пишува Фајненшл тајмс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Трговците со нафта предупредуваат дека најновата ескалација на тензиите во Ормускиот Теснец означува нова, ризична фаза за пазарот, кој сега се соочува со нови нарушувања без резервите што во текот на американско-иранската војна помогнаа да се спречи поширока економска криза.

Соединетите Американски Држави вчера извршија нов бран напади врз иранските крајбрежни одбранбени системи и ракетни позиции, откако повторно воведоа поморска блокада на иранските пристаништа. Иран, пак, се закани дека ќе запре уште поголем дел од извозот на енергенси од регионот.

Додека двете страни остануваат заглавени во конфликт што постојано ескалира и нема јасен излез, последиците за светската економија се неизбежни, бидејќи поморскиот премин низ кој пред војната минуваа околу една петтина од светските испораки на нафта и природен гас повторно е практично затворен.

Ројтерс вчера, повикувајќи се на добро информирани извори, објави дека бродските компании го избегнуваат американскиот систем за пловење низ Ормускиот Теснец под воена придружба, откако бранот ирански напади врз бродови предизвика сериозна загриженост за безбедноста.

„Фактот што Иран и натаму може да напаѓа бродови што пловат по оманската рута значи дека предложеното решение на администрацијата на Трамп за одржување на пловидбата најверојатно нема да функционира“, изјави за британската агенција Торбјорн Солведт, главен аналитичар за Блискиот Исток во компанијата за процена на ризици „Вериск Мејплкрофт“.

Новата закана за извозот на сурова нафта од Персискиот Залив доаѓа откако Меѓународната агенција за енергија во петокот соопшти дека нејзините членки веќе пласирале на пазарот речиси три четвртини од планираните 400 милиони барели нафта од стратегиските резерви, чие ослободување беше најавено во март. Тоа, наведува Фајненшл тајмс, значи дека остануваат уште само неколку недели пред овие дополнителни количества целосно да престанат да пристигнуваат на пазарот.

„Ги потрошивме сите резерви што ги имавме. Сите“, изјави за Фајненшл тајмс еден трговец. „Сега веќе нема ништо.“

Цените на нафтата нагло паднаа откако првпат беше објавен прекинот на огнот, од околу 100 долари за барел на нешто повеќе од 70 долари.

Но, како знак на повторната загриженост кај трговците, цената на суровата нафта од типот Брент во вторникот скокна над 87 долари за барел, што е највисоко ниво во повеќе од еден месец. Вчера со неа се тргуваше по цена од околу 84,40 долари за барел, што претставува раст од 11 проценти оваа недела.

Во текот на четиримесечното затворање на теснецот, пред американско-иранскиот договор за негово повторно отворање минатиот месец, западните и азиските влади ги искористија речиси сите расположливи мерки за недостигот од снабдување да не ја загрози светската економија.

Западните земји пуштија на пазарот рекордни количества нафта од стратегиските резерви, Кина го преполови увозот на нафта и им нареди на државните компании да користат гориво од резервите, а Белата куќа дури сигнализираше дека САД, барем теоретски, би можеле да интервенираат и на пазарот на фјучерси доколку цените излезат од контрола.

Како резултат на тоа, цената на Брент во април достигна максимум од 126 долари за барел, значително под историскиот рекорд, иако Меѓународната агенција за енергија предупредуваше дека светот се соочува со најголемото нарушување во снабдувањето во историјата.

Меѓутоа, трговците предупредуваат дека, доколку новото затворање на теснецот потрае со месеци, а дел од нив сметаат дека Иран сака да го задржи притисокот врз американскиот претседател Доналд Трамп пред ноемвриските избори за Конгресот, овојпат не е јасно од каде би можела да пристигне нафта што би го надоместила недостигот.

Амрита Сен, директорка за пазарни анализи во компанијата „Енерџи аспектс“, изјави дека пред почетокот на војната пазарот располагал со околу 400 милиони барели вишок резерви, не сметајќи ги стратегиските резерви под контрола на владите.

„Сега речиси ништо не ни остана“, рече таа. „Самодовербата на пазарот во однос на протокот на нафта низ Ормускиот Теснец сега е ставена на сериозен тест.“

Возачите веќе ги чувствуваат последиците на бензинските пумпи, бидејќи цените на бензинот и дизелот од почетокот на војната растат побрзо, а паѓаат побавно од цените на суровата нафта.

Пазарот на преработени горива сега е исклучително осиромашен, а дополнителни нарушувања предизвикуваат и намалените испораки од Русија, вториот најголем светски извозник на дизел, по серијата успешни украински напади со беспилотни летала со долг дострел врз руски рафинерии.

Меѓународната агенција за енергија во петокот предупреди на можен недостиг од бензин и дизел, додека големопродажните цени на фјучерсите за дизел во Европа оваа недела пораснаа за 14 проценти.

Иако западните земји во годините по руската инвазија врз Украина почнаа да го избегнуваат руското гориво, сега мора да се натпреваруваат за испораки со земји како Турција и Бразил, кои продолжија да купуваат руски дизел, а сега и тие се принудени да бараат алтернативни извори.

Во исто време, трговците внимателно ја следат состојбата во Црвено Море по нападите на јеменските хути врз Саудиска Арабија, извршени по ударот врз меѓународниот аеродром во Сана.

Групата, која е поддржана од Иран, од крајот на 2023 година повеќе од една година речиси целосно ја блокираше пловидбата низ Црвено Море. Доколку хутите повторно ги обноват нападите, би можел да биде затворен и јужниот пристап до пристаништето Јанбу, единствената саудиска извозна рута за нафта што не минува низ Ормускиот Теснец.

Во исто време, Техеран навестува дека би можел да ги искористи своите сојузници хутите во Јемен за да го затвори теснецот Баб ел Мандеб, кој води кон Црвено Море, со што би се отворил нов фронт против Вашингтон и би биле загрозени двете најважни светски поморски рути за транспорт на енергенси.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ