Ова е дури петтиот вид африкански мајмун откриен во последните 75 години, што го прави откритието исклучително ретко и значајно за светската биологија.
Локалните чувари на природата првпат го забележале ова животно уште во 2008 година, но тогаш успеале да направат само една матна фотографија. Дури откако мајмунот повторно бил забележан десет години подоцна, меѓународен тим експерти започнал сериозна потрага.
Со комбинација од аудиоснимки, фотографии и детални генетски анализи било потврдено дека станува збор за единствен вид, а резултатите биле објавени во престижното научно списание Плос Уан.
Џуниор Амбоко, докторанд на Универзитетот „Флорида Атлантик“ кој го водеше теренското истражување, го опиша искуството како неверојатно.
„Неверојатно чувство е да се погледне во лицето на животно за кое толку малку луѓе знаеле дека постои“, изјави Амбоко за Би-би-си.
Иако е сосема нов за науката, некои локални жители знаеле за него и го нарекувале „Ликвели“. Сепак, мајмуните се исклучително срамежливи.
Во текот на истражувањето, научниците интервјуирале жители од 52 села во близина на паркот, а жителите на само осум села потврдиле дека некогаш го виделе овој примат во живо.
Меѓународен тим од ДР Конго, САД и Германија му го дал на животното латинското име Colobus congoensis (Колобус конгоензис), во чест на природната разновидност на оваа африканска земја.
Припаѓа на групата колобус мајмуни, а професорката Кејт Детвилер од Универзитетот „Флорида Атлантик“ ја објасни нивната необична анатомија и улога во природата.
„Ова се навистина специфични африкански мајмуни кои воопшто немаат палци. Тие се тревопасни животни кои живеат исклучиво во врвовите на дрвјата и се клучен дел од екосистемот бидејќи помагаат во расејувањето и ’ртењето на семето во шумата“, објаснува професорката Детвилер.
Научниците претпоставуваат дека нивните впечатливи розово-портокалови усни служат како визуелен сигнал за привлекување партнер или за меѓусебно препознавање во густата џунгла. Покрај специфичниот изглед, овие мајмуни произведуваат и карактеристичен звук сличен на рикање.
„Често ги слушате, но речиси никогаш не ги гледате“, додаде Амбоко.
Бидејќи овие мајмуни се исклучително ретки и изолирани, научниците се надеваат дека официјалната класификација како посебен вид ќе донесе и непосредна правна заштита.
Во овој дел од Конго, мајмуните често се нелегално ловени за месо, што би можело да го загрози опстанокот на новооткриениот вид пред науката дури и да може детално да го проучи.





