Еден од најсериозните наоди е дека заклучно со крајот на 2024 година претпријатието имало неуплатени обврски за комунална такса во износ од 86,36 милиони денари кон Буџетот на Општина Центар. Најголемиот дел од овој долг, речиси 79 милиони денари, се однесува на периодот од 2019 до 2023 година.
Ревизорите утврдиле и неправилности во исплатата на плати и надоместоци, бидејќи Правилникот за плати не бил усогласен со законските прописи и Општиот колективен договор за јавниот сектор. Забележани се пропусти во утврдувањето на вредноста на бодот, коефициентите за сложеност на работните места, како и при пресметката на додатоците за сменска работа и боледување.
„Поради примена на Правилникот за плати кој не е усогласен со законските прописи
и Општиот колективен договор за јавниот сектор, утврдени се неправилности во
начинот на пресметка и исплата на платите и надоместоците, во однос на
утврдената вредност на бодот, коефициентите на сложеност по работни места и
пресметката на додатокот за работа во смени и надоместоците за боледување“, пишува во Извештајот на ДЗР.
Дополнително, ревизијата констатирала слабости во благајничкото работење, меѓу кои немање интерен акт за ракување со готовина, неводење благајнички дневник, некомплетна документација и недоволно обезбедување на готовинските средства. Утврдени се и неправилности во јавните набавки, при што во дел од постапките биле поставени несразмерни услови за учество, прифатени понуди над проценетата вредност без соодветна анализа, како и непочитување на законските рокови за објавување информации на Електронскиот систем за јавни набавки.
„Ревизијата утврди слабости во благајничкото работење, односно отсуство на
интерен акт со кој се регулира ракувањето со готовинските средства, не водење
благајнички дневник, некомплетна благајничка документација, како и непреземени
мерки за осигурување на готовината што се чува во благајната. Утврдени се слабости во постапките за доделување на договори за јавни набавки во вкупен износ од 4,590 илјади денари, со реализација во 2024 година од 2,589 илјади
денари. Во дел од постапките се поставени несразмерни услови за учество,
прифатени се понуди над проценетата вредност без соодветна анализа и
обезбедени средства, известувањата за склучени и реализирани договори не се
поставувани во законски рок на ЕСЈН, техничките спецификации не се јасно и
недвосмислено дефинирани, а на поставени прашања од економски оператори не е
одговорено“, се наведува во Извештајот на ДЗР.
Државниот завод за ревизија наведува дека за надминување на утврдените слабости се дадени препораки со цел да се преземат мерки за подобрување на финансиското управување и законитото работење на претпријатието.





