Станува збор за најновиот во низата проблеми со Системот за влез и излез (ЕЕС), за кој претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен неодамна призна дека сè уште има „технички проблеми“ и дека му претстои „уште многу работа“.
Системот, кој ги замени печатите во пасошите со единствена европска база на податоци поткрепена со биометриски податоци, почна да функционира на 10 април, по четиригодишно одложување. Оттогаш патниците се соочуваат со долги редици додека им се скенира лицето и им се земаат отпечатоци од прсти.
Но долгите чекања не се единствениот проблем.
Една Британка, вработена во Политико, кон крајот на мај била задржана при обид да се врати во Велика Британија од романскиот град Клуж-Напока. Романските гранични власти ја обвиниле дека нелегално престојувала во Шенген-зоната, бидејќи системот покажувал дека нејзиното заминување по претходна посета на Амстердам во април 2026 година не било евидентирано.
Проблемот бил што таа воопшто не била во Амстердам. Таму била нејзината еднојајчена сестра близначка.
Жената, која побарала да остане анонимна за да избегне идни проблеми на граница и да ја заштити приватноста на својата сестра, била испрашувана околу 15 минути.
Кога им објаснила на граничните полицајци дека има сестра близначка, тие првично ја обвиниле дека му го позајмила пасошот на друго лице, што таа категорично го негирала. Нејзината сестра во тој момент била во Велика Британија и никогаш не ја посетила Романија.
Системот ги измешал сестрите
Според Политико, системот најверојатно ги помешал двете жени поради нивните идентични скенирања на лицето, а можеби и поради истото презиме, датумот на раѓање и државјанството. Сепак, тие имаат различни отпечатоци од прсти, различни имиња и различни пасоши.
На крајот ѝ било дозволено да отпатува, но останала загрижена дека истото може да се повтори и при идните патувања.
Ниови Вавула, професорка по сајбер-политики на Универзитетот во Луксембург и советничка за системот ЕЕС, смета дека станува збор за комбинација од две грешки при спроведувањето на системот.
Според неа, можно е излезот на нејзината сестра од Амстердам да не бил правилно евидентиран, бидејќи системот тогаш бил штотуку пуштен во употреба и имал многубројни технички проблеми.
Дополнително, романските власти не ја спровеле проверката според правилата.
Според прописите за ЕЕС, еден патник не смее да биде идентификуван само врз основа на препознавање на лицето, туку мора да се проверат и отпечатоците од прсти или податоците од пасошот, кои во овој случај биле различни.
„Изгледа дека властите не биле доволно обучени да ги разликуваат различните постапки и се потпреле само на фотографијата од лицето како средство за идентификација“, оценува Вавула.
Таа додава дека властите не ги провериле податоците од пасошот во системот ЕЕС и не зеле предвид дека системот сè уште е нов и има многубројни технички проблеми.
Европската комисија: Земјите-членки се одговорни за податоците
Од Европската комисија изјавија дека не коментираат поединечни случаи, но нагласија дека земјите-членки се одговорни за податоците што ги внесуваат во системот ЕЕС.
Комисијата потсети дека при првото влегување во Шенген-зоната патниците доставуваат биометриски податоци и податоци од пасошот, што треба да овозможи секој патник да биде идентификуван одделно.
Доколку некој смета дека неговите податоци се неточно обработени, има право да побара нивна исправка преку надлежните органи на земјата-членка.
Системот ЕЕС особено ги погоди британските патници по брегзитот, бидејќи се применува само за државјани на земји надвор од ЕУ и Шенген-зоната. Во 2024 година Британците реализирале повеќе од 63 милиони патувања во земјите на ЕУ.
Британската министерка за транспорт Хајди Александер оваа недела разговараше со еврокомесарот за транспорт Апостолос Цицикостас за можните нарушувања во текот на летната сезона, а Велика Британија најави дополнителни 30,5 милиони фунти за зголемување на капацитетите на пристаништата и меѓународните железнички станици по воведувањето на системот ЕЕС.





