„Одобрувам нова програма за скрининг за недостаток на тестостерон за нашите борци, со што ќе ви обезбедиме да имате соодветно ниво на тестостерон за да функционирате на вашето апсолутно највисоко ниво“, рече Хегсет во видео објавено на социјалната мрежа Икс.
„Современото бојно поле, како што знаеме, е брутално и немилосрдно. Тоа бара врвна психолошка и ментална подготвеност. Со рано откривање на овие здравствени показатели ќе ве одржиме на самиот врв на борбената подготвеност и ќе ви ја обезбедиме истата поддршка што вие ѝ ја давате на нацијата – најдобрата можна“, додаде тој.
The High-T Department of War. pic.twitter.com/hlAUq3j2cD
— Secretary of War Pete Hegseth (@SecWar) July 15, 2026
Според планот, „борците“ на возраст од 30 и повеќе години ќе поминуваат годишни тестирања како дел од редовните здравствени прегледи, додека помладите од 30 години ќе можат доброволно да се вклучат во програмата. Лекувањето, кое вклучува и терапија за надоместок на тестостерон, исто така ќе биде доброволно и ќе биде насочено кон „обновување и оптимизирање“ на природните способности.
Иницијативата како приоритет го поставува долгорочното здравје, со цел војниците да останат „силни и отпорни“ во текот на целиот живот. Хегсет додаде дека програмата е дел од заложбата на Министерството за одбрана за обезбедување „врвна медицинска грижа“ и одржување на физичката и менталната подготвеност неопходна за современото војување.
Хегсет не е првиот член на администрацијата на Трамп што се занимава со таканаречената криза на низок тестостерон. Роберт Ф. Кенеди Помладиот, 72-годишен министер за здравство, и самиот зборуваше дека прима инјекции со тестостерон како дел од својот личен „режим против стареење“. Во октомври, без да понуди докази, тој тврдеше дека денешните американски тинејџери имаат „50 проценти од нивото на тестостерон што го има 65-годишен маж“.
Тестостеронот и загриженоста поради неговото ниско ниво станаа политичка опсесија на американската десница. Коментатори од алтернативните медиуми, како Такер Карлсон, предупредуваат на криза на машкоста во филмови како „Крајот на мажите“, додека бројни инфлуенсери промовираат „максимизирање на тестостеронот“ и директни инјекции со овој хормон.
Во своето соопштение, Американското уролошко здружение наведе дека „го цени фактот што администрацијата ја препознава важноста на скринингот за недостаток на тестостерон кај мажите“, но предупреди дека „дијагнозата на недостаток на тестостерон не треба да се темели исклучиво на еден крвен тест“.
Наместо тоа, здружението смета дека ваквиот тест може да послужи како „почетна вредност“ за лицата кај кои е потребна дополнителна проценка. Оттаму нагласуваат дека дијагнозата на низок тестостерон не смее да се поставува само врз основа на еден тест, туку врз основа на симптоми и резултати од две одделни тестирања.
Администрацијата на Трамп претходно ја осуди употребата на хормони во терапиите за родова афирмација, вклучително и тестостерон и естроген, нарекувајќи ја „хемиско и хируршко осакатување“. Во објавата на Хегсет не се споменуваат повеќе од 231.000 жени кои служат во активниот состав на американските вооружени сили.
Според истражување објавено во списанието „Соушл сајанс анд медисин“, инфлуенсерите и велнес-компаниите на интернет агресивно ги таргетираат младите мажи, промовирајќи хормонски тестови и третмани како клуч за да станат „вистински мажи“. Тоа се случува и покрај тоа што скринингот за низок тестостерон е медицински неоправдан кај повеќето луѓе од таа возрасна група.





