Меѓународната организација за миграции (ИОМ) и Агенцијата на ОН за бегалци (УНЦХР) во заедничко соопштение изразија сериозна загриженост поради извештаите „дека два брода со повеќе од 500 лица можеби потонале во последните денови покрај брегот на Мјанмар“.
Според првичните информации, двата брода испловиле кон крајот на јуни од државата Ракајн во Мјанмар, која е погодена од воени судири. Најголем дел од патниците биле припадници на муслиманското малцинство Рохинџи. Дел од нив, наводно, тргнале од големите бегалски кампови во Кокс Базар во Бангладеш, каде што повеќе од еден милион Рохинџи живеат во тешки услови.
Во соопштението се наведува дека со едниот брод, за кој се верува дека превезувал околу 250 лица, бил изгубен контакт кратко по испловувањето.
За вториот брод, на кој наводно имало околу 280 патници, се верува дека потонал на 8 јули во близина на мјанмарскиот брег Ајејарвади.
„Иако овие настани и бројот на жртвите сè уште не се официјално потврдени, УНХЦР и ИОМ се длабоко загрижени поради можната катастрофална загуба на човечки животи“, се наведува во соопштението.
Агенциите на ОН истакнаа дека патувањата биле „преземени надвор од вообичаената сезона за пловидба, кога морските услови се значително поопасни“. Дополнително, „неодамнешните обилни дождови и поплави низ регионот уште повеќе ги зголемиле ризиците од ваквите патувања“.
Рохинџите секоја година тргнуваат на опасни патувања со дотраени бродови, со кои често управуваат мрежи за криумчарење луѓе, во потрага по подобар и побезбеден живот.
Само минатата година, според податоците на УНХЦР, речиси 900 бегалци Рохинџи се водат како исчезнати или загинати на море во северниот дел на Индискиот Океан.
Во соопштението се предупредува дека „доколку се потврди, оваа трагедија ќе го зголеми бројот од речиси 300 лица кои се водат за исчезнати или загинати во Андаманското Море и Бенгалскиот Залив од почетокот на оваа година, вклучувајќи бегалци Рохинџа и државјани на Бангладеш“.
Во соопштението, објавено во четвртокот, се нагласува дека најновите пријавени трагедии „ги нагласуваат разорните последици од долготрајниот конфликт и раселувањето, како и недостатокот на трајни решенија за заедницата на Рохинџите“.
Според агенциите, „ескалацијата на конфликтот и влошувањето на хуманитарната состојба во Мјанмар, заедно со ограничената помош и можности во бегалските кампови во Бангладеш, ги принудуваат сè повеќе луѓе да се впуштат во опасни морски патувања во потрага по безбедност“.
Исто така се предупредува дека мрежите за криумчарење и трговија со луѓе продолжуваат да ја искористуваат очајната состојба на луѓето кои бегаат во потрага по заштита.
ИОМ и УНХЦР повикаа на „засилени операции за пребарување и спасување, обезбедување пристап до азил и меѓународна заштита и поенергична борба против мрежите за криумчарење и трговија со луѓе“.
Агенциите го пофалија Бангладеш за неговата „долгогодишна великодушност во прифаќањето на бегалците Рохинџи“, но истакнаа дека е неопходна „континуирана меѓународна поддршка и поголеми напори за решавање на основните причини за присилното раселување“.





