четврток, 16 јули 2026

Аргентинците извадија политичка парола, Англичаните веднаш реагираа (ВИДЕО)

По крајот на натпреварот меѓу Аргентина и Англија, во прославата на победата, аргентинските фудбалери извадија политичка парола која не им се допадна на Англичаните.

Објавено на

часот

Сподели

„Гаучосите“ извадија транспарент на кој пишуваше „Las Malvinas son Argentinas“ („Малвинските, односно Фолкландските Острови ѝ припаѓаат на Аргентина“), што предизвика бурни реакции во Велика Британија.

Транспарентот за време на славјето го држеа Лисандро Мартинез и Џовани Ло Селсо, а фотографиите и видеата брзо се проширија нa социјалните мрежи. Со оглед на тоа што ФИФА забранува политички пораки на своите натпреварувања, во британската јавност веднаш се појавија барања Светската фудбалска федерација да покрене дисциплинска постапка против Аргентина.

Еден од најгласните критичари беше британскиот новинар и коментатор Бен Кентиш, кој смета дека ФИФА не смее да прави исклучоци.

„Аргентинските фудбалери кои го држеа транспарентот треба да бидат суспендирани на пет натпревари. Ако ФИФА навистина сака да ја исфрли политиката од фудбалот, сега е моментот тоа и да го докаже“, изјави Кентиш.

Британскиот „Индипендент“ оцени дека станува збор за директно прекршување на правилникот на ФИФА, потсетувајќи дека политички слогани и транспаренти се строго забранети на стадионите за време на официјалните натпревари и церемонии.

Сличен став има и „Скај“, кој оцени дека прославата на актуелниот светски шампион била засенета од провокативната политичка порака, додавајќи дека се очекува ФИФА да го разгледа целиот случај.

Агенцијата „Ројтерс“ потсетува дека слоганот се однесува на долгогодишниот спор меѓу Аргентина и Велика Британија околу Фолкландските Острови, кои Аргентина ги нарекува Малвински Острови. Двете земји во 1982 година водеа војна за овој архипелаг, а прашањето за суверенитетот и денес е едно од најчувствителните во нивните меѓусебни односи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ