Федоров доцна синоќа на социјалните мрежи потврди дека ја напушта функцијата и им се заблагодари на соработниците, истакнувајќи дека ќе продолжи да работи на развојот на воените иновации и на зајакнувањето на одбраната на Украина.
Во својата проштална порака, тој наведе повеќе од 20 достигнувања за време на неговиот шестмесечен мандат. Меѓу најважните ги издвои забраната за пристап на руските сили до системот „Старлинк“, започнувањето кампања против руската логистика на окупираниот Крим и започнувањето, како што рече, на „непопуларна, но исклучително важна“ реформа на Министерството за одбрана.
Во исто време, тој призна дека не успеал да постигне три клучни цели – целосна трансформација на Министерството за одбрана според стандардите на НАТО, реформа на системот за воени набавки и воспоставување „култура на одговорност“.
Клименко кандидат за нов министер
Според „Киев индепендент“, Зеленски го номинирал сегашниот министер за внатрешни работи Игор Клименко, поранешен директор на Националната полиција, за нов министер за одбрана.
Портпаролката на Министерството за внатрешни работи, Маријана Рева, изјави дека Клименко бил изненаден од понудата, но дека како офицер ќе ја прифати одлуката на врховниот командант доколку парламентот го потврди неговото именување.
Пратениците за неговата кандидатура треба да гласаат денеска.
Конфликт со военото раководство
Неколку извори на „Киев Индепендент“ тврдат дека вистинската причина за разрешувањето лежи во долгогодишниот конфликт меѓу Федоров и врховниот командант на вооружените сили на Украина, Олександр Сирски.
Еден пратеник од владејачката партија, кој зборувал под услов да остане анонимен, изјавил дека одлуката предизвикала шок кај членовите на претседателската партија.
„Ова изгледа како предавство“, рече тој, додавајќи дека Зеленски сам донел одлука што би можела да има политички бумеранг.
Според него, претседателот смената ја образложил со сериозни несогласувања меѓу Министерството за одбрана и воениот врв, со напомена дека во иднина можеби ќе биде разгледана и смената на Сирски.
Друг пратеник од владејачката партија тврди дека конфликтот меѓу Федоров и Сирски „ги преминал сите граници“ и дека тоа било главната причина за промените во врвот на министерството.
„Млад реформатор против старата воена школа“
Политичкиот аналитичар Володимир Фесенко оцени дека не е добро министерот за одбрана да се менува на секои шест месеци.
„Нема сериозни забелешки за работата на Федоров. Требаше да му се даде можност да ги заврши реформите што ги започна. Уште една промена на чело на Министерството за одбрана само ќе создаде дополнителен хаос“, рече Фесенко.
Ветеранот Јуриј Кудименко оцени дека основата на конфликтот е разликата помеѓу два сосема различни погледи на армијата.
„Ова е конфликт помеѓу млад технократ и генерал кој доаѓа од постсоветска воена школа“, рече Кудименко.
Пратеникот од опозицијата Јарослав Јурчишин има сличен став, тврдејќи дека Федоров бил разрешен затоа што се судрил со „стариот воен систем и луѓето поврзани со корупцијата“.
„Зеленски го избира Клименко затоа што нема политички амбиции и нема да влезе во конфликт со постсоветските генерали. Тој е токму таков човек што му е погоден на претседател за таа позиција“, рече Јурчишин.
🎥 Videos show protests in Kyiv and Dnipro, shared with NEXTA by our followers. According to Ukrainian media, lawmakers are unwilling to ignore the public support for Mykhailo Fedorov, leaving Ihor Klymenko without enough votes to become defense minister. pic.twitter.com/52HZ7oxIGA
— NEXTA (@nexta_tv) July 16, 2026
Популарен реформатор
Федоров беше министер за дигитална трансформација од 2019 до оваа година, а функцијата шеф на Министерството за одбрана ја презеде на почетокот на 2026 година со ретко видена поддршка и од власта и од опозицијата.
За време на мандатот успеа да ја убеди компанијата СпејсЕкс да им го оневозможи користењето на системот „Старлинк“ на руските сили, што воените експерти го оценија како еден од најтешките удари врз руската команда и управувањето со дроновите.
Тој започна и кампања насочена кон уништување на руската логистика, како и реформи во Министерството за одбрана што опфатија разрешување на голем број функционери и реорганизација на работата, но предизвикаа отпор во рамките на системот.
Повици за протести
Неговото разрешување предизвика бурни реакции во јавноста. Ветеранот и активист Дмитро Козјатински ги повика граѓаните мирно да протестираат во Киев против одлуката на Зеленски и, како што изјави, „постојаното реструктуирање на владата“.
„Никогаш нема да ја победиме Русија додека истата стагнација и корупција преовладуваат во армијата и во министерствата“, рече тој.
Украинскиот новинар Сергиј Сидоренко ја спореди смената на Федоров со минатогодишниот обид за распуштање на антикорупциските институции, оценувајќи дека двата потега биле донесени за Зеленски да ја заштити сопствената политичка позиција, но по цена на нарушување на довербата на граѓаните во државата.
Соработникот на Федоров и познат украински активист Серхиј Стерненко објави дека повеќе нема да биде советник во Министерството за одбрана. Тој го нарече Федоров „најдобриот министер за одбрана во историјата на Украина“ и рече дека бирократските опструкции и спротивставувањето на реформите ги спречиле промените што ги планирал.
„Тажно е што нашата земја денес е многу подалеку од победа. Вистинските реформи дури и не се започнати, иако успеавме многу да промениме“, напиша Стерненко.





