четврток, 16 јули 2026

Украина го блокира клучниот морски пат за рускиот извоз, на Русија ѝ се заканува „ормуска“ криза (ВИДЕО)

Русија ја губи контролата врз еден од своите најважни излези кон Црно Море, откако серија украински напади ја принудија Москва оваа недела да го запре бродскиот сообраќај низ Азовско Море, што значително ја ограничува способноста на Кремљ да тргува со остатокот од светот.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Овој развој претставува голем пресврт, вели Си-ен-ен. Со години Азовско Море беше недостапно за Украина и ѝ служеше на Русија како погодна база за воени операции, но и како важна врска меѓу јужна Русија и светските мориња.

Ситуацијата се промени благодарение на напредокот на украинската програма за беспилотни летала. Командантот на украинските сили за дронови Роберт Бровди во средата изјави дека Украина погодила 116 руски пловни објекти во Азовско Море за само девет дена.

Досега украинските напади главно беа насочени кон руската „флота во сенка“ и воените бродови. Си-ен-ен не можел независно да ја потврди бројката што ја соопшти Бровди, но видеата објавени од украинските власти покажуваат директни погодоци врз руски бродови.

Поради нападите, Русија го запре сообраќајот преку двата клучни премини што го контролираат Азовско Море – каналот Дон–Азов, кој го поврзува со внатрешните водни патишта, и Керчкиот Теснец, кој води кон Црно Море.

Сателитските снимки и системите за следење бродови покажуваат долги колони пловни објекти што чекаат од двете страни на морето.

 

Закана за рускиот извоз

Украина последните месеци сè поуспешно ја напаѓа руската „флота во сенка“, која превезува нафта под западни санкции, но блокадата на Азовско Море може да има многу пошироки последици, бидејќи го отежнува и извозот на производи што не се под санкции, како пченицата и сончогледовото масло.

Американскиот Институт за проучување на војната оцени дека нападите означуваат нова фаза во украинската стратегија за изолирање на окупираниот Крим од руската логистичка мрежа и нарушување на руските поморски транспортни рути, особено за нафтени деривати и жито.

Командантот на 413. одделен полк за беспилотни системи на украинската армија, мајорот Евген Карас, изјави дека Русија го претворила Крим во голема воена база.

„Ја прекинуваме целата логистика. Нашата способност да погодуваме подлабоко по помала цена стана проблем што Русите не можат да го решат“, рече Карас за Си-ен-ен.

Тој додаде дека Украина ќе продолжи да го зголемува притисокот „колку што може подлабоко“, оценувајќи дека „ова е само почеток“.

 

Удар врз светскиот пазар на жито

Русија е најголемиот светски извозник на пченица и обезбедува околу една петтина од глобалниот извоз.

Според аналитичарот Андреј Сизов, околу 25 проценти од рускиот извоз на пченица поминуваат преку Азовско Море.

„За пазарот на пченица Црно Море е она што е Персискиот Залив за пазарот на сурова нафта. Тоа е убедливо најважниот извор на пченица во светот“, изјави Сизов.

Тој предупреди дека, доколку кризата продолжи, економските загуби на Русија би можеле да достигнат милијарди долари.

Цените на фјучерсите на пченицата веќе пораснаа, делумно поради кризата во Азовско Море.

Москва тврди дека може да го пренасочи целиот извоз преку други терминали на Црно Море, но Сизов смета дека тоа нема да биде можно во периодот на најголем извоз, кога капацитетите на тие пристаништа не се доволни.

Русија: Ова е тероризам

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја осуди украинската кампања.

„Ова е полошо дури и од пиратство. Пиратите барем крадат и го задржуваат пленот. Овде целта е само да се предизвика штета и страв. Тоа е тероризам“, изјави Лавров.

Украина, пак, тврди дека намерно напаѓа исклучиво воени цели.

Стратегија за изолирање на Крим

Кампањата во Азовско Море започна како обид да се изолира Крим, кој Русија незаконски го анектираше во 2014 година.

Минатиот месец руските окупациски власти прогласија вонредна состојба на полуостровот поради украински напади што предизвикаа големи прекини во снабдувањето со електрична енергија и гориво.

Потоа Киев ги засили нападите врз мостови, патишта и железници за да ја прекине копнената врска меѓу Русија и Крим преку окупираните делови на јужна Украина, а истовремено почна интензивно да ги напаѓа и бродовите што превезуваат гориво кон полуостровот.

Морски пат од клучно значење за Русија

Азовско Море е внатрешно море меѓу јужна Украина и Русија, поврзано со Црно Море преку Керчкиот Теснец.

По распадот на Советскиот Сојуз, Москва и Киев во 2003 година постигнаа договор за заедничко користење на морето, но Русија почна да го прекршува договорот по анексијата на Крим во 2014 година.

По целосната инвазија врз Украина во 2022 година, Русија ја окупира целата украинска крајбрежна линија на Азовско Море, а претседателот Владимир Путин дури изјави дека тоа е „внатрешно руско море“.

Иако е релативно мало и плитко, Азовско Море има огромно економско значење. Тоа претставува клучна алка во системот од реки и канали преку кои од јужна Русија се транспортираат нафта, жито, земјоделски производи, челик и други суровини кон Црно Море и светските пазари.

По инвазијата во 2022 година, Русија го користеше Азовско Море и како главна база за нападите врз украинските пристаништа Мариупол, Мелитопол и Бердјанск.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ