четврток, 16 јули 2026

Уште еден нон-пејпр во ЕУ за проширувањето, Јункер против повластената позиција на Украина

Осум држави членки на ЕУ бараат проширувањето да продолжи, но за разлика од нон-пејперот на Германија, Франција, Белгија, Луксембург и Холандија тие се за правење помала дистинкција меѓу старите и новите членки. Разликата е пред сè во воведување на нови правила за пристапување и контролни механизми за новите членки, се вели во објавата на Телма.

Објавено на

часот

Сподели

Со нон-пејперот, на кој се потпишани Австрија, Италија, Хрватска, Словенија, Унгарија, Чешка, Словачка и Грција, се бара заштитните мерки, транзиционите аранжмани и механизмите за следење по пристапувањето на новите членки да се користат пропорционални, временски ограничено и да бидат поврзани со објективно идентификувани потреби. Едно од барањата е и избегнување на непотребни нови пречки за земјите-кандидати, односно, целната линија да остане видлива и стабилна.

„Континуираното додавање нови барања, политички предуслови или институционални порти за време на трката би ги демотивирало кандидатите, би го поткопало кредибилитетот на европската перспектива и би го ослабнало сопственото влијание на Унијата во нејзиното соседство“, се наведува во докумнетот.

Се бара и методологијата за пристапување да биде иста за сите земји, а не да се прилагодува за секоја земја, со што би се компромитирала предвидливоста, а со тоа и кредибилноста на процесот. Со нон-пејперот се бара и еднаквост по пристапувањето.

„Поголемата Унија мора да биде способна да ги брани своите интереси, да ги одржува своите вредности и ефикасно да реагира на кризи. Ова бара сериозна посветеност на внатрешните реформи што вклучуваат политики и институционално функционирање. Ваквата основна работа треба да продолжи паралелно со проширувањето, но не треба да го префрла товарот на нерешените внатрешни прашања врз идните земји-членки“, се наведува во документот.

Според потписничките на нон-пејперот тоа значи наоѓање хоризонтални решенија, а не ограничувања специфични за кандидатите. Според нив, различното учество на земјите во специфични политики на Унијата може да биде оправдано, само ако е регулирано со специфични законски барања и услови, како влез во Шенген зоната, но таквите ограничувања да се не растегнуваат во пошироки форми на различно членство, ниту да генерира регулаторни асиметрии во рамките на внатрешниот пазар.

Нон-пејперот ги опфаќа и Договорите за членство при што се наведува дека тие за новите членки можат да се надградат врз основа на постоечките секторски заштитни мерки и преодни мерки, но да бидат пропорционални и временски ограничени, со јасни индикатори за активирање.

Во делот на заштитните клаузули за новите членки се наведуваат и добрососедските односи, во насока на спроведување на меѓународните договори и по пристапувањето. Сепак, потписничките на нон-пејперот, меѓу кои е и Грција, наведуваат дека тоа нема да создаде нови обврски, туку ќе ги зајакне обврските кои претставуваат составен дел од условите врз кои се темели пристапувањето.

Истовремено, германскиот канцелар Мерц изјави дека останува и понатаму на предлогот што го испрати до лидерите на Европската Унија во форма на нон-пејпер на 18 мај, кој предвидува забрзана интеграција преку воведување преодни статуси за земјите – кандидати пред нивното полноправно членство.

Според документот, земјите од Западен Балкан и Молдавија би добиле статус на набљудувачи во институциите на ЕУ, како и привилегиран пристап до единствениот европски пазар уште пред формалното членство.

За Украина, пак, се предлага статус на придружна членка, што би ѝ овозможило учество на состаноците на Европската Унија и отворање на преговарачките поглавја, но без право на глас.

Од трета страна, поранешниот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер предупреди дека Европската Унија не смее да создаде повластена патека за членство на Украина, додека земјите од Западен Балкан и натаму се оценуваат според строгите и долготрајни правила на пристапниот процес.

Јункер оцени дека Украина има јасна европска перспектива, но се спротивстави на определување конкретен датум за нејзино членство. Според него, политичките ветувања што не се поткрепени со исполнети услови можат подоцна да ѝ се вратат на Европската Унија како проблем.

„Немам добро мислење за давањето конкретен датум за пристапување на Украина. Како по правило, тоа се враќа како бумеранг“, изјави Јункер за германската телевизија „Феникс“.

Поранешниот претседател на Европската комисија нагласи дека не смее да се создаде разлика во политичкиот третман во која за Украина ќе се испраќа порака за забрзано членство, а земјите од Западен Балкан ќе продолжат да минуваат низ редовната постапка, исполнувајќи ги сите услови од преговарачките поглавја.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ