Според него, украински дрон погодил службен автомобил на патот помеѓу централата и градот Енергодар. Во нападот загинале главниот инженер, Александар Јаковлев, и возачот, пренесува Ројтерс.
Руските сили ја зазедоа нуклеарната централа Запорожје во првите недели од инвазијата на Украина во 2022 година, а оттогаш Москва и Киев се обвинуваат меѓусебно за напади што ја загрозуваат безбедноста на најголемата нуклеарна централа во Европа.
Енергодар, каде што живеат повеќето вработени во електраната, често е цел на напади.
Лихачов оцени дека недостатокот на реакција од западните земји на нападите во областа на електраната „поттикнува ескалација на терористичките дејствија од страна на украинската влада“. Тој изјави дека во последните два и пол месеци, 13 лица се убиени, а 48 се повредени во нападите во областа.
Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, го осуди инцидентот, но не ги обвини директно ниту Русија ниту Украина.
„Ова претставува неприфатлив напад врз централата и нејзиното раководство, што сериозно ја загрозува нуклеарната безбедност“, порача Гроси.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, побара од меѓународните организации, првенствено од МААЕ, јасно да го осудат убиството.
Кремљ и минатата недела ја обвини Украина дека ги засилува, како што тврди, „терористичките акции“ против нуклеарната централа и цивилната инфраструктура поврзана со нејзината работа.
Украинските власти сè уште не ги коментираа најновите руски тврдења.





