сабота, 18 јули 2026

Јапонија нема да добие царица

Јапонскиот парламент во петокот ја заврши повеќегодишната расправа за иднината на Хризантемскиот престол, но наместо да ја отвори можноста жена да го наследи тронот, како што покажуваа анкетите на јавното мислење, го зацврсти исклучиво машкото наследување по татковска линија како единствен пат до царската круна.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Новиот закон воведува две новини – им овозможува на подалечните машки роднини постари од 15 години да се вратат во царското семејство преку посвојување, под услов да не се во брак, а на принцезите им дозволува да го задржат својот кралски статус и по брак со обични граѓани. Сепак, нивните сопрузи и деца и понатаму нема да бидат признаени како членови на царската куќа.

Станува збор за обид да се реши демографската криза во самото срце на јапонската монархија: од шеснаесетте возрасни членови на царското семејство, само петмина се возрасни мажи, а воопшто нема деца.

Хисахито – единствениот машки потомок роден во последните четири децении

Деветнаесетгодишниот принц Хисахито, внук на царот, е првиот машки потомок роден во царското семејство во последните четири децении. Доколку Хисахито, кој неодамна матурираше и студира биологија, не добие син, нема да има наследник, а царската лоза ќе заврши според сегашните правила.

Политичкиот парадокс на оваа реформа тешко може да се игнорира: законот беше изгласан по иницијатива на владата на премиерката Санае Такаичи, првата жена на чело на јапонската влада во историјата на земјата.

Такаичи и конзервативното крило на владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП) остануваат на ставот дека машката крвна линија е „единствениот извор на царската власт и легитимитет“.

Критичарите оваа позиција ја сметаат за особено иронична, бидејќи доаѓа токму од првата жена премиер на Јапонија.

Професорот Хидеја Каваниши од Универзитетот во Нагоја изјави за АФП дека предлогот „не го одразува јавното мислење“, оценувајќи дека конзервативното крило на ЛДП по секоја цена сака да ја зачува машката наследна линија и затоа не сака да го слушне гласот на јавноста.

Интересно е што истиот ден јапонскиот парламент (Диет) усвои и друг контроверзен закон од десничарската агенда на Такаичи – нов пропис со кој се забранува сквернавењето на државното знаме. Противниците сметаат дека тоа претставува обид за заплашување на јавноста и замолчување на критиките кон владата.

Двете реформи усвоени истиот ден – едната за царското наследување, другата за заштитата на националниот симбол – заедно го отсликуваат поширокиот пресврт на јапонската политика кон традиционалистички и националистички вредности, откако Такаичи ја презеде власта.

Принцезата Аико останува без можност да стане царица

Најпопуларната кандидатка за наследничка останува надвор од игра: дваесет и четиригодишната принцеза Аико, единственото дете на царот Нарухито и царицата Масако, ужива голема поддршка од јавноста, но како жена според важечкиот закон не може да го наследи престолот.

Наместо неа, наследната линија се врти кон шеесетгодишниот брат на царот, Акишино, а потоа на неговиот син Хисахито. Трет во редот за наследување е чичкото на царот, принцот Хитачи, кој има 90 години.

Поранешниот директор на Агенцијата за царскиот двор, Шинго Хакета, оцени дека монархијата по Хисахито ќе биде „крајно нестабилна“.

Симптоматично е и тоа што царицата Масако, дипломат, образувана на Харвард, по раѓањето на Аико развила депресија и анксиозност поради критиките дека не родила машки наследник. Чизуко Уено, научник и феминистка го наведува тоа како пример за систем кој „машките членови на кралското семејство ги третира како приплодни мажјаци, а жените ги става под притисок да бидат машини за раѓање“ на машки потомци.

Интересно е и тоа што јапонската расправа се води во време кога огромното мнозинство европски монархии одамна го решиле ова прашање во спротивна насока.

Шведска (од 1980 година), Холандија (од 1983), Норвешка (од 1990), Белгија (од 1991), Данска (од 2009) и Луксембург (од 2011) воведоа апсолутно првородство без оглед на полот, со што престолонаследничките – како шведската принцеза Викторија или холандската принцеза Катарина-Амалија – имаат исти права како и нивните браќа во редот за наследување.

Со тоа Јапонија останува една од ретките преостанати уставни монархии што целосно ги исклучува жените од наследувањето на престолот – дури и построго од Монако, каде што важи систем на предност за машките наследници. Таму жените не можат да го наследат престолот пред своите браќа, но, за разлика од Јапонија, можат да го наследат во отсуство на машки наследници.

Според проценките на историчарите, царската институција во Јапонија постои речиси 1.500 години, а според традиционалното сметање дури околу 2.600 години.

Владиниот предлог од 2005 година да се дозволат жени монарси бил повлечен веднаш по раѓањето на Хисахито истата година, со што прашањето било тргнато од дневен ред речиси две децении.

Во минатото системот функционирал благодарение на конкубините, кои до пред околу сто години раѓале приближно половина од јапонските цареви – практика што била укината за време на владеењето на прадедото на Нарухито, царот Таишо.

Без тој механизам, а во услови на стареење на населението и пад на наталитетот во јапонското општество, историчарите предупредуваат дека системот на исклучиво машко наследување денес едноставно не е одржлив на долг рок, дури и со можноста за посвојување подалечни роднини. Според податоците на Агенцијата за царскиот двор, многумина од нив се оддалечени повеќе од 36 генерации од сегашниот цар, бидејќи нивната лоза се одвоила од царското семејство пред околу 60 години.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ