Стејт департментот наведе дека со почетокот на стратешкиот дијалог се зајакнува партнерството меѓу САД и Србија и билатералната соработка за унапредување на мирот, безбедноста и просперитетот, во година кога се одбележуваат 145 години дипломатски односи меѓу двете земји.
Од српска страна беше истакнато дека е „отворено ново поглавје“ во односите меѓу двете држави и дека е „воспоставена институционална рамка за нивно понатамошно стратешко поврзување“.
САД и Србија потпишаа Меморандум за разбирање за енергетската инфраструктура и регионалната енергетска безбедност, а Вашингтон ја „поздрави прелиминарната одлука на Србија да продолжи со проектот за хидроелектраната Ѓердап III (Железна капија III) како прв проект идентификуван во рамките на Меѓувладиниот договор за енергетика. Според соопштението, станува збор за голема инвестиција во регионалната енергетска инфраструктура и чекор кон енергетски понезависна Србија.
Двете земји ја поздравија и најавата за гаранција за кредит од 50 милиони долари од Извозно-увозната банка на САД за Телеком Србија за воспоставување 5Г мрежа во Србија, „користејќи доверливи добавувачи, со цел подобрување на безбедноста и сигурноста на комуникациските системи на Србија“.
САД и Србија повторно „ја потврдија својата заедничка посветеност на зачувување на регионалниот мир и безбедност и се обврзаа да го зголемат интензитетот на воената соработка“, истакнувајќи ги двете децении блиска соработка меѓу Националната гарда на Охајо и Војската на Србија во рамките на Програмата за државно партнерство.
Како што наведува Стејт департментот, Србија „побарала набавка на американска одбранбена опрема, која ќе придонесе за поголема интероперабилност на вооружените сили и за натамошно зајакнување на односите развиени преку билатерални и мултилатерални вежби и мировни мисии“.
Американската администрација објави и дека издвојува 1,5 милиони долари за продолжување на соработката во областа на цивилното деминирање, со цел расчистување на мини и неексплодирани убојни средства.
Вашингтон ја поздрави и одлуката на Србија да се приклучи на програмата Артемис и да го потпише Договорот Артемис – збир на принципи за „транспарентно, безбедно и одговорно цивилно истражување и користење на вселената, што ќе овозможи проширување на мирољубивата соработка во длабоката вселена преку размена на знаење и научни податоци“.
Двете земји потпишаа и Меморандум за разбирање за поделба на трошоците за стипендиската програма „Фулбрајт“, според кој Србија ќе издвојува 300.000 долари годишно за проширување на програмата за размена и создавање дополнителни можности за врвни американски и српски научници и студенти да предаваат и да спроведуваат истражувања во интерес на двете земји.
САД го потврдија своето учество на специјализираната изложба ЕКСПО 2027 во Белград. Србија, пак, најави намера дополнително да ги продлабочи односите со САД преку отворање нови конзулати во Мајами и Сан Франциско.
Шефот на српската дипломатија Марко Ѓуриќ истакна дека Стратешкиот дијалог ќе „обезбеди редовна, континуирана и структурирана комуникација на највисоко ниво, како и платформа за продлабочување на соработката во областите на надворешната политика, безбедноста, енергетиката, трговијата, инвестициите, науката, образованието, иновациите и високите технологии“, соопшти дополнително Министерството за надворешни работи на Србија.





