сабота, 18 јули 2026
Интервју: Атанас Георгиев , филмски продуцент, монтажер и професор на Шангајскиот универзитет

„Медена земја“ ја пронајде емотивната „точка на топење“ секаде низ светот

Колку е неверојатна филмската приказна на „Медена земја“, неочекувано „откри“ реакцијата на колега-новинар од Пакистан, кога по Македонската филмска панорама во Пекинг ( на која тој не присуствуваше), накратко му ја раскажав темата на филмот. „Европски фантазии“ – беше реакцијата на „кратката содржина“ на приказната за жената што живее сама во „пустелија“ на 80 километри од главниот град на европска држава, без струја и водовод, а егзистира од собирање мед од диви пчели. Уште позачуден беше кога разбра дека филмот е документарец, и со двојна номинација за Оскар.

Објавено на

часот

Сподели

Секако, необично е искуството да ја гледаш сопствената (македонска) приказна како се прекршува низ туѓите „огледала“, низ туѓите очи. Необичното е што можете да бидете и позитивно изненадени !

Атанас Георгиев, продуцентот и монтажер на „Медена земја“, таа вечер во Пекинг, по седум години од првата премиера на филмот, го имаше повторно тоа „премиерно доживување“ на директно соочување со нова публика. Навистина, тој веќе три години работи во Кина, како професор на Шангајскиот универзитет, а истовремено е вклучен и во кинеската филмска продукција, но не ги прекинува врските  и со авторите од македонската кинематографија.

Минатиот месец, на 5 јуни се случи своевидна кинопремиера на „Медена земја“ во Кина, на Фестивалот на македонски филм во Пекинг. Филмот до сега беше достапен на онлајн платформите во Кина, но како ја доживеавте вие, како продуцент на филмот, оваа премиера, неколку години по сите светски успеси?

-Беше навистина посебно искуство. Обично, на сите мои проекции низ светот останувам до крај, најчесто за да го почувствувам одност на конкретната публика кон филмот. Големо задоволство беше да се гледа „Медена земја“ заедно со кинеската публика, која остана за разговор, долго после проекцијата, љубопитно интересирајќи се за детали.

Она што најмногу ме радува е што, и покрај културните разлики, публиката низ светот секогаш реагира исто, забележувајќи ги истите поенти во филмот, кои се од емоционален, социјален, драматуршки или продукциски карактер.

Меѓу кинеската публика уште еднаш ми се потврди она што добро го знам – дека добрите приказни навистина немаат граници. Проекцијата во Кина ми даде некои одговори за социјалниот аспект на публиката, без која еден филм не може да постои, за нејзината едуцираност, чувствителност и т.н. Но она што е најзначајно е дека секогаш и секаде публиката има универзална, заедничка „точка на топење“, т.е. капацитет на реакција.

Вие, всушност веќе три години работите во Кина, во Шангај… Какви се вашите професионални ангажмани во оваа земја и зошто се одлучивте на таков предизвик?

– Во Кина дојдов пред три години како истакнат професор (distinguished professor) на Шангајскиот универзитет, каде што предавам монтажа, документарен филм и развој на филмски проекти. Паралелно со наставата, продолжив активно да работам како монтажер, продуцент и креативен консултант во различни меѓународни продукции.

Поканата во Кина за мене беше голем професионален предизвик. Кина има многу голема и динамична филмска индустрија, а мене отсекогаш ме привлекувале нови средини, различни начини на размислување, различни концепти на професионален пристап и работа. Влегувајќи професионално во нивниот свет, од моја страна се обидувам таму да го однесам – да го пренесам долгогодишното искуството што го стекнав работејќи во значајни европски и светски продукции. Моите студенти и соработници од Кина, го препознаваат, го почитуваат и го прифаќаат мојот пронцип на работа во кој ги мешам западните и источните вредности, тргнувајќи од фактот дека прифаќањето на разликите, моќта за нивно препознавање и балансирање, обично води до квалитетен креативен производ.

Неодамна имавте премиера на најновиот филм што го работевте, на Шангајскиот филмски фестивал. За каков проект се работи?

– На овогодинешниот Шангајски меѓународен филмски фестивал премиерно беше прикажан „Урнатини“ (Ruins), во режија на Елена Чемерска, каде што бев извршен продуцент. Имавме одлична премиера и неверојатно добар прием од публиката, без која , како што реков – филмот не може да ја комплетира/дефинира својата вредност.

Елена Чемерска направи филм кој се прикажа на реномираниот Шангајски филмски фестивал, и тоа во документарна програма, селектиран меѓу останатите 4 други документарци од светот. Ова е документарец кој преку приказната на семејството Чемерски, начнува универзални прашања за значењето на семејството, уметноста, смртта, битноста на татковината…

Во меѓувреме работам и на новиот игран филм „Вози како девојка“ (Drive Like a Girl), во режија на оскаровецот Малколм Кларк. Тоа е голема кинеска продукција и за мене претставува сосема ново професионално искуство, кое од една страна ме носи уште поблиску до кинеската филмска индустрија, но од друга страна, голема е радоста што сум опкружен со професионалци од целиот свет, кои на свој начин придонесуваат во еден ист, заеднички проект.

Веќе работите и на нов филмски проект во Кина. Имате ли време за размислување за некој нов македонски филмски проект?

– Секао дека имам. Веќе неколку години развивам нов долгометражен игран филм, кој за сега носи работен наслов „Повикај ме подоцна“ (Call Me Later). Иако дејството се одвива во Азија, филмот има силно македонско авторско присуство. Режијата, сценариото, директорот на фотографија и монтажата се македонски, а проектот моментално се развива како копродукција меѓу Хонг Конг, Малезија, Кина и Франција. Всушност, мојот најголем фокус сега е насочен кон овој проект, од кој очекувам многу, во интернационални рамки. Во следната фаза би сакал да ја вклучиме и Македонија, како официјален копродукциски партнер. Мислам дека овој проект ќе придонесе многу за македонската кинематографија на локално, но пред сè на интернационално ниво. И токму ваквите проекти покажуваат дека денес не е најважно каде се случува приказната, ниту кој ја раскажува, туку како ќе биде раскажана.

Колку е реална идејата за некоја македонско-кинеска филмска копродукција?

– Искрено, денес е многу пореална отколку што беше пред неколку години. Мрежата на копродукции денес во светот е безгранична. Уметници и продуценти кои имаат интернационални кооперативни искуства точно знаат како да се вмрежат во тој систем.

Токму „Повикај ме подоцна“ (Call Me Later) е добар пример за тоа. Моментално се развива како копродукција меѓу Хонг Конг, Малезија, Кина и Франција, но имајќи го предвид фактот дека голем дел од креативниот тим е од Македонија, секако, ќе аплицираме кај нас, за да може и Македонија да биде дел од мрежата копродикции и да стане официјален копродукциски партнер.

Верувам дека ова е природно течение и дел од процесот на градење на филмот. Македонија има одлични автори и филмски професионалци, а Кина нуди неверојатни можности за продукција и публика. Да пробаме да ги поврземе овие две средини, нели… Зошто да не?!

Јасминка Павловска

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ