„По добиено известување од Јавен обвинител од ОЈО Гостивар за спроведување на вонреден инспекциски надзор на пречистителна станица за вода во село Вруток, Општина Гостивар, за испитување на безбедноста и квалитетот на водата за пиење во овој водоснабдителен систем, добиени поплаки од граѓани до ОЈО Гостивар и пријава од МВР Гостивар во однос на безбедноста и квалитетот на водата за пиење, инспекциски служби на АХВ, со претставници на Министерството за животна средина, ОЈО Гостивар и крим техника – МВР Гостивар, вчеравечер спроведоа вонреден инспекциски надзор. Од страна на стручни лица на Институтот за јавно здравје кои биле присутни на надзорот, земени се мостри од водата за лабораториско тестирање со цел утврдување на нејзината безбедност. За да се спречи поголема опасност за населението од овој регион, АХВ издаде времена забрана за употреба на водата за пиење се до добивање на резултатите од лабораторското тестирање со кое ќе се потврди нејзината безбедност“, велат од АХВ.
Од болницата велат дека ваквата состојба е присутна во последниве 3-4 дена. Од СВР Тетово велат дека постојат основи на сомневање дека Јавното претпријатие „Водовод“, во соработка со Општина Гостивар, поставило три пумпи во корито на истечни отпадни води, преку кои се вбризгувала вода директно во главниот цевковод што го напојува градот. Оваа активност најверојатно била преземена со цел да се зголеми притисокот во мрежата поради недостиг на вода за пиење, со што директно се загрозува здравјето на граѓаните на Гостивар.
Основното јавно обвинителство Гостивар презема конкретни истражни дејствија во врска со случајот со сомневања за неисправна вода за пиење, откако повеќе граѓани побарале лекарска помош поради здравствени тегоби за кои постои сомневање дека се поврзани со водоснабдителната мрежа.
Проблемот е пријавен и во СВР Тетово од каде, по преземените активности утврдиле дека причината најверојатно била во вбризгување на загадена вода во градскиот водовод за да се зголеми притисокот во водоводната мрежа од црпно место во село Вруток.
„На 16.07.2026 околу 18:20 часот, инспектори од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар, постапувајќи по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар, презедоа итни мерки и активности на терен во село Вруток, поради сомневање за загадување на водата со која се снабдува градот Гостивар“, стои во соопштението од СВР Тетово.
„Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, поради сомнение за сторено кривично дело Загадување на вода за пиење’, предвидено и казниво по член 219 од Кривичниот законик“, вели СВР Тетово.
Од Центарот за јавно здравје од Гостивар велат дека испитувањата на квалитетот на водата се во тек.





