Новите ирански напади следеа по шестата последователна ноќ на американско бомбардирање на воени цели во Иран. Централната команда на САД соопшти дека борбени авиони, беспилотни летала и воени бродови погодиле десетици цели, вклучувајќи позиции на воздушната одбрана, крајбрежни системи за надзор, воена логистика и поморски капацитети.
Нападите беа извршени на островот Кешм и во близина на Бандар Абас, најголемото пристаниште во Иран и еден од клучните центри на иранската морнарица и Револуционерната гарда.
Според иранските медиуми, во американскиот напад врз областа Пасабандар во близина на Чабахар загинал еден цивил. Мостовите, железничката станица Бандар Хамир и аеродромот Ираншахр исто така биле погодени. Државната новинска агенција ИРНА објави дека седум лица загинале во нападите врз мостовите на југот од земјата.
New aerial footage shows widespread destruction from US strikes on Iranian bridges
Six bridges in Bandar Khamir, Hormozgan Province, were hit, damaging key transport route https://t.co/LWnDJ74Zfk pic.twitter.com/WpkBqEPFMe
— RT (@RT_com) July 17, 2026
Иран одговори со лансирање ракети и беспилотни летала врз американските бази во неколку земји во регионот. Иранската војска соопшти дека биле нападнати американски објекти во Бахреин и Кувајт, додека експлозии се слушнале и во Доха. Катарските власти соопштија дека едно дете е повредено од шрапнели.
Тврдењето на Техеран дека го извршил својот прв директен напад врз цел во Сирија привлече посебно внимание. Иранските државни медиуми објавија дека Револуционерната гарда го нападнала американскиот команден центар за специјални операции во Ал Танф, како одмазда за смртта на иранските војници во Ираншахр. Ројтерс не можеше независно да ги потврди овие тврдења.
Револуционерната гарда, исто така, соопшти дека уништила поморски радарски систем на островите Саламе, како и радар за контрола на воздушниот сообраќај на САД во областа Ганем во Оман.
Новата ескалација на конфликтот речиси целосно ја запре пловидбата низ Ормускиот Теснец, еден од најважните поморски патишта за транспорт на нафта и гас. Техеран ја обнови блокадата на теснецот, додека САД повторно ги блокираа иранските пристаништа.
Според извори на Ројтерс, Иран сигнализирал дека би можел да ги охрабри Хутите во Јемен да го затворат теснецот Баб ел-Мандеб, клучен премин кон Црвеното Море, доколку Вашингтон продолжи да ја напаѓа иранската инфраструктура.
Белата куќа соопшти дека претседателот Доналд Трамп нема да дозволи нападите врз бродовите во Ормускиот Теснец да продолжат без последици. Портпаролката Керолин Ливит сепак, додаде дека Трамп останува отворен за дипломатско решение.
Ирански извори тврдат дека целта на Техеран е да ја задржи контролата врз Ормускиот Теснец, но и да избегне ескалација што би го загрозила меморандумот постигнат во јуни, за кој Иран верува дека му донел поголем дел од бараните отстапки.





