Енди Бернам денеска официјално беше прогласен за лидер на владејачката британска Лабуристичка партија, со што се отстрани последната пречка за неговото преземање на функцијата премиер следната недела.
Централнолевичарската Лабуристичка партија ги објави резултатите од натпреварот за лидерска позиција за замена на премиерот во заминување Кир Стармер, за кој Барнам беше единствен кандидат. Објавата беше очекувана откако Бернам ги обезбеди номинациите на 379 од 403 пратеници на Лабуристичката партија во британскиот Долен дом синоќа.
Бернам, поранешен градоначалник на Голем Манчестер, чекаше со недели да стане премиер, но откри малку за своите политички приоритети. Тој ќе дојде на Даунинг стрит 10, во голема мера непознат за гласачите надвор од Манчестер.
Кога минатиот месец победи на предвремените избори за пратеничко место, вети дека ќе создаде политики „засновани на единство и надеж“ и економија што подеднакво ќе го распределува растот низ целата земја.
Тој не одржа прес-конференции и даде малку интервјуа.
Бернам носи порелаксиран стил на лидерство од прилично строгиот Стармер и се смета за еден од најдобрите комуникатори на Лабуристичката партија. Но, тој се соочува со многу од истите проблеми како и неговиот претходник, вклучувајќи бавна економија, растечки трошоци за живот поттикнати од војните во Украина и Блискиот Исток и преоптоварена јавна служба.
Кабинетот на Бернам соопшти дека тој планира денес да истакне некои од своите приоритети во својот прв говор како лидер на лабуристите и ќе зборува за храброста да се поправат големите работи што политиката ги запоставила.
Стармер минатиот месец објави дека ќе поднесе оставка по две години на функцијата, обележани со погрешни чекори и грешки во проценката што му го нарушија угледот во партијата и кај јавноста.
Тој ќе остане премиер до понеделник, кога формално ќе ја поднесе својата оставка до кралот Чарлс Трети. Потоа кралот ќе го покани Бернам да формира влада.
Британската парламентарна демократија им овозможува на владејачките партии да ги менуваат лидерите, а со тоа и премиерите, без потреба од одржување општи избори. Следните редовни парламентарни избори треба да се одржат во 2029 година.
Новите премиери се менуваат со зголемена фреквенција во последниве години. Бернам ќе биде седмиот британски премиер од 2016 година.





