петок, 17 јули 2026

Полскиот претседател стави вето на законот за истополови партнерства

Полскиот претседател во петокот стави вето на два законски предлога со кои требаше да се воведат т.н. договори за заедничко живеење. Со оваа одлука беше запрен обидот за подобрување на положбата на истополовите парови во Полска, една од ретките членки на Европската Унија која сè уште не им гарантира речиси никакви права на ЛГБТ лицата, пишува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Премиерот Доналд Туск ја презеде власта во 2023 година со ветување дека ќе ги реформира законите за абортус и правата на ЛГБТ заедницата. Сепак, спроведувањето на тие реформи е отежнато поради поделбите во неговата проевропска коалиција, како и правото на вето што го користи националистичкиот претседател Карол Навроцки.

Со предложените закони за статусот на најблиско лице и за договорот за заеднички живот ќе им се овозможеше на две полнолетни лица со договор да ги уредат прашањата поврзани со заеднички имот, пристап до медицински информации или организација на погреб.

Предлозите беа поддржани од целата владејачка коалиција, вклучително и од конзервативната партија ПСЛ, која претходно одбиваше слични иницијативи поради страв дека би можеле да ја загрозат институцијата брак. Сепак, Навроцки, сојузник на опозициската националистичка партија Право и правда (ПиС), оцени дека предложените закони одат предалеку.

„Овие предлози создаваат нова, формализирана институција во рамките на семејното право, која нуди широк спектар права слични на оние во бракот“, рече претседателот во видео-порака. „Како чувар на Уставот, не можам да прифатам решение што би довело до губење на посебниот статус на бракот. Во член 18 од Уставот, бракот е дефиниран како заедница меѓу маж и жена, под заштита и грижа на Република Полска.“

Премиерот Доналд Туск остро реагираше на одлуката на претседателот. На платформата Икс објави: „Претседателското вето е израз на презир кон луѓето и нивното право на среќа и нормален живот.“

За поништување на ветото, Владата треба да обезбеди тропетинско мнозинство, при присуство на најмалку половина од пратениците во парламентот. Со оглед на тоа што националистичката опозиција се противи на законите, таков исход во практика е речиси невозможен.

Владината комесарка за еднаквост, Катаржина Котула, изјави дека Навроцки со својата одлука ги занемарил околу два милиона луѓе кои во Полска живеат во неформални партнерски заедници.

Котула најави дека сега ќе се фокусира на обезбедување на сите достапни права и поволности за истополовите бракови склучени во странство. Полска е должна да ги признае, по пресуда на Судот на Европската Унија.

Од Кампањата против хомофобијата (КПХ) соопштија дека законите на кои претседателот стави вето претставувале само „основен нацрт на првата верзија на законот за граѓанско партнерство“.

„Денешното вето на овој предлог покажува дека за претседателот е неприфатлив дури и апсолутниот минимум права што законот требаше да ги обезбеди“, се наведува во нивното соопштение.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ