петок, 17 јули 2026

Апсења во Турција поради насместени фудбалски натпревари

Турција води одлучна борба против фудбалската мафија, приведени се 17 функционери, дел од нив се и од најголемите гиганти.

Објавено на

часот

Сподели

Турската полиција денеска приведе 17 фудбалски функционери како дел од проширената истрага за наводно нелегално обложување и местење натпревари, соопштија официјални извори. Издадени се налози за апсење на уште две лица. Меѓу приведените се и четворица раководители на истанбулските гиганти Галатасарај и Бешикташ.

Операцијата, спроведена во Истанбул и уште девет други провинции, уследи по анализата на податоците од легалните платформи за обложување во периодот од 2020 до 2026 година. Резултатите покажале дека осомничените наводно се обложувале додека сè уште ги извршувале своите службени должности.

„Решително ја продолжуваме борбата против нелегалното обложување, насилството во спортот, местењето натпревари и криминално стекнатите приходи. Секоја сомнителна структура, врска или чин што го нарушува спортскиот дух и фрла сомнеж врз кредибилитетот на фудбалот ќе биде најостро гонета“, изјави министерот за правда Акин Гурлек, пренесува агенцијата Анадолија.

Скандалот со нелегалното фудбалско обложување избувна во октомври, откако Турската фудбалска федерација покрена истрага за наводно масовно обложување на фудбалските судии. Истрагата подоцна се прошири и врз играчите и службените лица, вклучувајќи ги и оние од елитната Суперлига. Како резултат на тоа, стотици фудбалери се соочуваат со дисциплински постапки пред комисијата на Федерацијата, додека против десетици осомничени веќе се покренати кривични пријави.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ