Германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон се состанаа во рамките на редовните заеднички владини состаноци, обидувајќи се да ги надминат тензиите што се појавија претходно оваа година поради неуспехот на долго најавуваниот заеднички проект за борбен авион.
„Правиме сè што е потребно за да ја заштитиме нашата слобода, безбедност и колективна одбрана“, рече Мерц на заедничката прес-конференција каде што двајцата лидери презентираа список на цели, вклучувајќи ракетна одбрана и ракетни системи со долг дострел.
Двајцата лидери ја критикуваа Кина, тврдејќи дека таа не ги почитува меѓународните трговски правила бидејќи ѝ обезбедува на својата индустрија најмалку осум пати поголема државна поддршка од членките на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), пренесува Ројтерс.
„Никако не сме противници на Кина, ниту во дипломатијата ниту во економијата, но реално ги гледаме работите“, рече Макрон. Европа има трговски дефицит со Кина кој дневно изнесува милијарда евра, истакна францускиот претседател.
Двајцата лидери, исто така, презентираа предлози за соработка во областа на нуклеарното одвраќање, по сè појасните сигнали од Вашингтон дека САД ќе ги намалат своите одбранбени обврски во Европа.
„Применуваме пристап чекор по чекор кој на крајот би можел да резултира со нова доктрина, но прерано е да шпекулираме за тоа денес“, рече Мерц.
Макрон јасно стави до знаење дека Франција ќе ја задржи целосната одговорност за финансирање на своето нуклеарно оружје за одвраќање. „Финансирањето на француската нуклеарна програма секогаш ќе биде обезбедено самостојно“, одговори претседателот на прашањето дали Франција ја разгледува можноста Германија да ја кофинансира програмата.





