„Ако Националниот дата центар треба да биде инфраструктура што ќе ѝ служи на државата во следните децении, тогаш јавноста има право да знае какви ќе бидат неговите еколошки, енергетски и климатски импликации.
Познато е, и уште еднаш потенцираме дека дата центрите се големи потрошувачи на електрична енергија, вода и ресурси. Стандардот Tier III гарантира сигурност и непречено функционирање на системите, но самиот по себе не претставува гаранција за еколошка одржливост.
Затоа ДОМ бара од Министерството за дигитална трансформација и од Владата да ја запознаат јавноста: дали за проектот е спроведена или се планира да се спроведе постапка за оцена на влијанието врз животната средина; колкава ќе биде годишната потрошувачка на електрична енергија; бидејќи во јавноста веќе беше најавено дека дата центарите ќе користат обновливи извори нa енергија, каква е точната стратегија за нивно обезбедување, колкав процент од потрошувачката ќе покриваат тие и дали се предвидени високи стандарди за енергетска ефикасност и искористување на отпадната топлина; каков систем за ладење е предвиден и колкава ќе биде потрошувачката на вода; дали паралелно се предвидува модернизација и надградба на постојната дистрибутивна мрежа на електрична енергија, како и на водоводната инфраструктура со што ќе се гарантира и обезбеди квалитетен пристап до овие ресурси на сите граѓани?“, поставуваат прашања од ДОМ.
Од Демократска обнова на Македонија нагласуваат дека дигиталната трансформација може да биде значајна за државата, само ако уште во фазата на планирање на било какви проекти се обезбеди целосна транспарентност и усогласеност со највисоките еколошки стандарди.
„Затоа, дигиталната трансформација и зелената транзиција не смеат да се развиваат одделно, туку паралелно и пред сè во интерес на граѓаните“, порачуваат од ДОМ.





