сабота, 18 јули 2026

„Марш за ангелите“: Правдата за нашите деца не ја бараме од одмазда, никој не е поголем од човечкиот живот

Родителите на починатите во трагедијата во „Пулс“  денеска излегоа на 47-от протестен „Марш за ангелите“ при што порачаа дека од судот не бараат пресуди под притисок, туку одлука заснована исклучиво на факти и докази, врз основа на закон и според совеста на судиите, подвлекувајќи дека овој процес е испит за правда и доверба во институциите.

Објавено на

часот

Сподели

„Вашата одлука нема да ги врати нашите деца. Но, може да покаже дека во оваа држава никој не е над законот и дека човечкиот живот е највисока вредност. Правдата за нашите деца не ја бараме од одмазда. Ја бараме од почит кон нивните животи и одговорност кон сите идни генерации. Зад вас стојат граѓаните. Пред вас стојат доказите. А над сите нас стои вистината. Никој не е поголем од човечкиот живот. Бараме вистинска правда, за никогаш да не се повтори“, рече Александар Наунов од пред кочанскиот Основен суд.

Според родителите на починатите, случајот со трагедијата во „Пулс“  не е обичен судски предмет, туку 63 насилно згаснати животи, 218 повредени и болка на целиот град.

„Пред Општината прашавме за пропустите и непостапувањата што го отворија патот кон трагедијата. Пред Државниот инспекторат за труд прашавме како е можно 13 години да нема ниту една контрола. Пред Управата за јавни приходи прашавме зошто и по девет месеци јавноста сè уште чека одговори. Пред МВР прашавме зошто не беа заштитени животите. Дали нивната законска должност беше да ги штитат граѓаните, или само да бидат неми сведоци на трагедијата? Го прашуваме и Државниот пазарен инспекторат: дали вредеа фиктивните записници, кои според обвинението, го штитеа нелегалното работење на газда Деко“, дополни Наунов во своето обраќање од пред судот во Кочани.

Маршот денеска започна од Паркот на револуцијата до зградата на Општина Кочани, каде се сместени и просториите на Државниот пазарен инспекторат, потоа кон канцелариите на Државниот трудов инспекторат, Управата за јавни приходи, кочанската полиција и Судот. На секоја од овие институции беше оставен транспарент со пораки на родителите на починатите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ