вторник, 21 јули 2026

Иран нападна американски цели во Кувајт, Јордан и Бахреин

Иран денеска соопшти дека извел повеќе напади врз американски воени цели во Јордан, Бахреин и Кувајт, наведувајќи дека мети биле радарски системи, воени бази, борбени авиони и други објекти што ги користат американските сили.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Иранската Револуционерна гарда (ИРГЦ) тврди дека во ракетен напад врз американска база во Јордан уништила радарски систем за противракетна одбрана и ловец Ф-15, кој се наоѓал во хангар. Според ИРГЦ, целта на операцијата била да се ослабне радарското покривање на регионот и да се олеснат понатамошните ракетни напади и нападите со дронови.

Во исто време, Јордан соопшти дека неговата противвоздушна одбрана пресретнала и неутрализирала пет ирански дронови што навлегле во воздушниот простор на земјата.

Иранската војска, исто така, соопшти дека со дронови ја нападнала американската воена база Шеик Иса во Бахреин, за која тврди дека е едно од клучните упоришта на Петтата флота на САД и центар на американските операции во регионот. Се додава дека офанзивните акции ќе продолжат сè додека, како што наведуваат, САД не ги прекинат нападите врз Иран.

Покрај тоа, ИРГЦ соопшти дека со крстосувачки ракети ја погодила централната инфраструктура на Амазон за обработка на податоци во Бахреин, наведувајќи дека нападот е одговор на неодамнешните американски напади врз цивилна инфраструктура во Дарховин.

Иран, исто така, објави дека со „камиказа-дронови“ нападнал три американски воени објекти во Кувајт – кампот Арифџан, кампот Ал-Адири и базата Ахмед Ал-Џабер.

Според иранската војска, погодени биле административни згради, радарски антени, простор за паркирање хеликоптери и објекти за сместување на војниците.

Непосредно пред тоа, ИРГЦ соопшти дека ги нападнала и американските позиции во воздухопловните бази Ахмед Ал-Џабер и Али Ал-Салем, пренесе Ал Џезира.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ