Поранешниот тренер на неколку големи кошаркарски клубови, меѓу кои и Барселона и Баерн Минхен, како и поранешен селектор на Србија Светислав Пешиќ, ќе дојде во Скопје како главен предавач на задолжителната тренерска клиника, информираше Кошаркарската федерација на Македонија.
„Станува збор за тренер чија кариера повеќе од четири децении претставува синоним за врвни резултати, лидерство и кошаркарско знаење.
Член на Куќата на славните на ФИБА, европски и светски шампион со репрезентации, освојувач на титулата во Евролигата и еден од најпочитуваните тренерски авторитети во светската кошарка,
Пешиќ своето богато искуство ќе го пренесе на македонските тренери преку дводневна стручна едукација.
Клиниката е наменета за сите македонски кошаркарски тренери, а присуството е задолжително, бидејќи претставува еден од основните услови за добивање тренерска лиценца за натпреварувачката сезона 2026/27.
Во текот на двата дена, учесниците ќе имаат можност непосредно да се запознаат со современите тренерски принципи, методологијата на работа и филозофијата на еден од најуспешните европски стратези, што претставува исклучителна можност за стручно усовршување на македонската тренерска фела.
Дополнителни информации во врска со програмата на клиниката, местото на одржување и начинот на пријавување ќе бидат објавени во наредниот период“, соопштија од КФМ.





