Според податоците на Европската комисија, уништувањето непродадена стока предизвикува емисии од 5,6 милиони тони ЦО2 годишно, што е споредливо со годишните емисии на два до три милиони автомобили. За да стави крај на тоа, ЕУ воведе забрана за уништување непродадена облека, пишува ДВ.
Регулативата за одржливо производство, донесена уште во 2025 година, стапи во сила на 19 јули за големите текстилни компании. Помалите претпријатија добија преоден период и ќе мора да се приспособат до 2030 година. Целта е да се поттикнат компаниите непродадената стока, наместо да ја уништуваат, да ја понудат на пазарот со попусти или да ја донираат. Досега уништувањето често било финансиски поисплатливо од складирањето, преработката или понатамошната продажба.
Сепак, прописот предвидува исклучоци. Уништувањето е дозволено ако стоката станала опасна, ако е оштетена или извалкана и не може повторно да се употреби или обнови. Исто така, стоката смее да се уништи доколку била понудена за донација на неколку социјални установи во Европската унија, но тие не ја прифатиле во предвидениот рок.
Од друга страна, покровителното здружение на германската текстилна и модна индустрија смета дека законот не е усогласен со реалноста. Тие тврдат дека на домашната индустрија ѝ наметнува дополнителна бирократија, а притоа воопшто не го решава проблемот со брзата мода. Експертот Јонас Штраке истакнува дека за вистинска одржливост се потребни ефикасни системи за собирање, сортирање и рециклирање на текстилот. Без тие предуслови, вели тој, забраната нема да има ефект.
„Оваа мерка во пракса не придонесува вистински за циркуларната економија“, изјави Штраке за „Рајнише пост“. „Ниту еден германски или европски производител не уништува исправна нова стока. Сепак, се создава впечаток дека производителите масовно уништуваат нови производи. Овој закон во ЕУ носи многу нова бирократија токму за оние компании кои не се одговорни за огромните количества стара облека и евтина стока без вредност.“
Проблемот, според неговите зборови, не е во квалитетната облека произведена во Европа, како свилените блузи или волнените костуми, бидејќи таквите производи не се уништуваат. Проблемот се огромните количества евтини производи со минимални производствени трошоци кои пристигнуваат од земји надвор од ЕУ.
И организациите за заштита на животната средина изразуваат резерви. Мориц Јегер-Рошко од „Гринпис“ ја поздравува начелната забрана, но предупредува на можни дупки во законот што би можеле да ги искористат големите компании.
„Компаниите лесно можат да ги заобиколат правилата, на пример со погрешно декларирање на производите. Без доследни контроли во пракса ништо нема да се промени“, рече тој. Се поставува прашањето кој ќе ги проверува магацините и ќе утврдува дали стоката навистина е оштетена или опасна и затоа смее да биде уништена.
Јегер-Рошко се согласува дека законот не го решава клучниот проблем, а тоа е брзата мода. Овој деловен модел се темели на трендови од социјалните мрежи, кои брзо се копираат, масовно се произведуваат и се продаваат по исклучително ниски цени. Кога контејнери со таква стока со сомнителен квалитет ќе пристигнат во Европа, трговците често немаат економски интерес ниту да ја складираат ниту да ги враќаат непродадените количества.





