„Имавме многу продуктивен состанок со вашата претседателка и разговори на ниво на делегација. Дискутиравме за повеќе билатерални соработки и разменивме ставови за регионалните и глобалните прашања, кои ни се од заеднички интерес. Ги повторивме и ги потврдивме пријателските односи меѓу Македонија и Индија, заеднички вредности и заедничка заемна почит. Соработката е многу важен столб за нашите билатерална односи“, рече Мурму на заедничката прес-конференција со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова.
Таа истакна дека сакаат да промовираат подобра трговија и инвестиции и да охрабрат подобра соработка помеѓу бизнисите од двете земји.
„Исто така, се согласивме билатералната трговија да ја прошириме двојно од сегашниот обем. Разговаравме за соработка во клучни сектори, вклучително (ИТ), земјоделство, обработка на храна, фармација, туризам, угостителство и аудиовизуелни уметности. Денeшниот бизнис-форум ќе биде одлична платформа за дискусија на овие прашања. Имаме меморандум за соработка во здравството, се договоривме да ја зајакнеме соработката во оваа сфера, особено во промоција на традиционалната медицина“, истакна индиската претседателка.

Мурму нагласи дека ќе се работи на зголемување и на соработката во областа на културата бидејќи, како што рече, културните врски меѓу луѓето се секогаш едни од најсилните столбови во заедничките односи. Соработката во полето на креативните индустрии, додаде, исто така е важен аспект за културна размена.
Според неа, Индија сака да ја олесни меѓународната соработка преку иницијативи, како Меѓународната соларна алијанса, Алијансата за катастрофи на инфраструктурата.
„Ја поздравувам намерата на Македонија да се вклучи во овие иницијативи, а учеството во нив ќе ѝ овозможи на Македонија да извлече корист од глобалните алијанси за ублажување на катастрофите“, рече претседателката на Индија, Мурму.
Таа најави и можност за обуки за Македонија на полето на вештачка интелигенција, но и оти заедно со претседателката Сиљановска-Давкова во Музејот на град Скопје ќе ја откријат бистата на Махатма Ганди.
„Ова е посебен подарок од народот на Индија за народот на Македонија, кој ги открива заедничките принципи и вредности на двете нации“, реча индиската претседателка.
Претседателката Сиљановска-Давкова денеска со највисоки државни и воени почести ја пречека претседателката на Република Индија, која престојува во дводневна официјална посета на земјата.

По свеченета церемонија, Сиљановска-Давкова и Мурму заминаа на тет-а-тет средба по што се одржа пленарен состанок на македонската и индиската делегација и заедничка прес-конференција на двете претседателки.
Индиската претседателка пристигна во Скопје синоќа, а на скопскиот аеродром ја пречека шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски.
Предвидено е претседателката на Република Индија да положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Индиската претседателка ќе оствари средба и со претседателот на Собранието, Африм Гаши, ќе се потпише во Книгата на впечатоци и ќе има обраќање пред пратениците во македонскиот парламент.

Попладне ќе се одржи македонско-индиски бизнис-форум, организиран од Кабинетот на претседателката во соработка, со Директоратот за економска дипломатија при Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. На отворањето на бизнис-форумот, на кој ќе се обратат претседателката Сиљановска-Давкова и претседателката Мурму, ќе бидат презентирани инвестициските можности на земјата.
На вториот ден од официјалната посета претседателките ќе ги посетат Спомен-куќата на Мајка Тереза и Музејот на град Скопје, каде што ќе се обратат на церемонија на откривање биста на Махатма Ганди. По церемонијата во Музејот на град Скопје, претседателката Сиљановска-Давкова и претседателката Мурму ќе се упатат кон Охрид, каде што ќе го посетат манастирскиот комплекс „Свети Наум“, како и манастири и цркви во стариот град на Охрид.
Поради посетата на претседателката Мурму, во поширокото централно подрачје на Скопје се применува посебен режим на сообраќај. СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите што ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Во исто време, висока бизнис-делегација од Индија, денеска ја посети ТИРЗ Скопје, каде што беа презентирани инвестициските можности во земјата, условите за работа во технолошко-индустриските развојни зони и потенцијалите за продлабочување на економската соработка и привлекување нови инвестиции.

Како што соопштуваат од ТИРЗ, во рамките на посетата делегацијата ги разгледа и производствените капацитети на компанијата „Џагатај кабло“, претставена како пример за успешна странска инвестиција во зоните.
„Во рамките на посетата, директорот Гоце Димовски ги претстави инвестициските можности што ги нуди Македонија, поволностите за инвеститорите во технолошките индустриски развојни зони, како и услугите и институционалната поддршка што Дирекцијата ги обезбедува во текот на целиот инвестициски процес. Димовски истакна дека Македонија претставува стабилна и конкурентна дестинација за странските инвеститори, со стратешка географска положба, квалификувана работна сила и поволна деловна клима, што ја прави атрактивна за компании што сакаат да го прошират своето присуство на европскиот пазар“, пишува во соопштението од ТИРЗ.
Дополнуваат дека за време на посетата членовите на делегацијата се запознале со условите за работење во ТИРЗ, успешните приказни на компаниите што веќе инвестираат во зоните, како и со можностите за соработка во повеќе области.
„Посетата претставува значаен чекор кон зајакнување на економската соработка со Индија и отворање нови можности за идни инвестиции и деловни партнерства со компании и институции од меѓународниот пазар. Индија, како една од најбрзо растечките економии во светот, претставува значаен партнер, особено во насока на привлекување нови инвестиции, размена на искуства и развој на идни проекти со висока додадена вредност“, додаваат од ТИРЗ.





