Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, оцени дека интересот за мерката е показател дека активните политики за вработување ги даваат очекуваните резултати.
„Преку мерката ‘Вработување и раст на правни субјекти’ финансиски се поддржуваат компаниите кои ќе вработат лица евидентирани како невработени, со посебен акцент на младите до 29 години и лицата од ранливите категории. Работните места се со полно работно време, а работодавачите имаат обврска нововработените да ги задржат согласно условите утврдени со мерката“, изјави Ристески.
Тој нагласи дека искуствата од досегашната реализација покажуваат висока успешност на мерката.

„Дури 80 проценти од мерките ‘Вработување и раст’ и ‘Самовработување’ даваат резултати, што потврдува дека станува збор за исправни политики насочени кон намалување на невработеноста и создавање услови младите да останат во државата. Секоја компанија може да добие субвенција од 850.000 до 1.250.000 денари, во зависност од нејзината големина и вид, а средствата овозможуваат вработување до пет лица“, рече Ристески.
Според презентираните податоци, првата подмерка „Вработување и раст на правни субјекти“ предвидува финансиска поддршка за вработување на вкупно 1.385 лица, со буџет од околу 5,4 милиони евра.
На настанот се обрати и градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, кој истакна дека мерките од Оперативниот план имаат значајна улога во развојот на локалната економија, отворањето нови работни места и намалувањето на невработеноста, најавувајќи дека Општината ќе ги користи можностите за ангажирање нов кадар, особено во противпожарната заштита.
Информативниот ден предизвика голем интерес кај делчевските компании и невработените лица, кои беа запознаени со условите и можностите за користење на мерките од Оперативниот план за вработување за 2026 година.





