Филмот заработи 124,5 милиони долари во САД и Канада, заземајќи го првото место на северноамериканските бокс-офиси, според податоците на „Рентрак“, пренесува Ројтерс.
Претседателот на американската домашна кино-дистрибуција на компанијата „Јуниверсал пикчерс“, Џим Ор, рече дека за време на викендот имало голем интерес кај публиката за „Одисеја“, истакнувајќи дека половината од гледачите биле на возраст меѓу 18 и 34 години.
Продукцијата на филмот чинела околу 250 милиони долари, а доби највисока оценка „А“ од публиката според „Синемаскор“, додека на веб-страницата „Ротен томатос“ има рејтинг од 97 проценти од публиката.
Според податоците од студиото, повеќе од половина од гледачите го гледале филмот во подобрени проекциски формати, вклучувајќи ИМАКС во 70-милиметарски формат.
Од компанијата ИМАКС соопштија дека побарувачката за билети била толку голема што повеќе од 50 кина во Северна Америка вовеле дополнителни прикажувања меѓу полноќ и седум часот наутро.
Извршниот директор на ИМАКС, Ричард Гелфонд, изјави дека билети во вредност од 50 милиони долари биле продадени во претпродажба, што е најдобриот резултат во историјата на компанијата.
Во филмот глуми американскиот актер Мет Дејмон како грчкиот херој Одисеј, а заплетот го следи неговото опасно враќање дома по Тројанската војна.
Ова е првиот филм на Нолан по „Опенхајмер“ од 2023 година, кој освои повеќе Оскари, вклучувајќи ги и оние за најдобар филм и најдобар режисер.





