среда, 22 јули 2026

Франција забрани социјални мрежи за деца под 15 години

Француските пратеници во вторникот усвоија закон со кој на децата помлади од 15 години им се забранува користење социјални мрежи, со што Франција стана првата земја во Европската Унија што воведе целосна забрана за пристап до овие платформи за оваа возрасна група, во време кога низ светот расте загриженоста за штетното влијание на дигиталните содржини врз децата, пренесе АП.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

И двата дома на францускиот парламент гласаа за законот, кој е една од клучните иницијативи на вториот претседателски мандат на Емануел Макрон. Со него се забранува и употребата на мобилни телефони во средните училишта.

Неколку семејства во Франција поднесоа тужби против Тикток, тврдејќи дека штетните содржини на платформата придонеле за самоубиства кај тинејџери. Организациите за заштита на децата и голем број родители го поздравија усвојувањето на законот.

„Од самиот почеток се залагавме за овој закон затоа што, искрено, немаме друга можност да им се спротивставиме на технолошките гиганти. Единственото што можеме да го направиме е да ги заштитиме нашите деца, исто како што ги штитиме од алкохол“, изјави Гаел Бербонд, која живее во регионот на Париз.

Таа за Асошиејтед прес раскажа дека нејзината ќерка го добила првиот паметен телефон во седмо одделение. Иако семејството користело апликација за родителска контрола, не знаеле што всушност претставува Тикток. По неколку месеци сфатиле дека девојчето се самоповредува и страда од анорексија и депресија. Поминало година и пол во болница, а денес има 16 години и е добро.

Макрон сака законот да важи од септември

Ова е една од последните големи мерки усвоени за време на претседателството на Макрон, кој следната година ја напушта функцијата. Тој сака законот да стапи во сила со почетокот на новата учебна година во септември.

Сепак, најпрво се очекува проверка дали законот е во согласност со францускиот Устав, што би можело да ја одложи неговата примена.

Забраната нема да важи за онлајн енциклопедии, ниту за образовни и научни бази на податоци.

Пратениците од левичарската партија „Непокорна Франција“ се спротивставија на законот, тврдејќи дека неговата уставност е спорна, дека практично ќе ја укине анонимноста на интернет и дека ќе биде невозможно да се спроведе.

Инес Лежандр, правен советник во организацијата за заштита на децата на интернет e-Енфанс, изјави дека законот нема веднаш да значи целосна забрана.

„Ќе треба да се реши и прашањето со веќе постојните профили на деца помлади од 15 години. Како ќе ги идентификуваме? Како ќе ги суспендираме? Потоа следува и прашањето за проверката на возраста при отворање нови профили“, рече таа.

Половина од тинејџерите користат телефон до пет часа дневно

Според француската здравствена агенција, секој втор тинејџер поминува меѓу два и пет часа дневно на паметен телефон.

Во извештај објавен во декември се наведува дека околу 90 проценти од децата на возраст од 12 до 17 години секојдневно користат паметни телефони за пристап до интернет, а 58 проценти ги користат главно за социјални мрежи.

Во извештајот се предупредува дека користењето социјални мрежи може да доведе до намалена самодоверба и поголема изложеност на содржини поврзани со ризично однесување, како што се самоповредување, употреба на дрога и самоубиство.

Откако Европската комисија оцени дека претходната верзија на законот се преклопува со европскиот Закон за дигитални услуги (ДСА), кој утврдува правила за безбедност на корисниците на интернет, француските пратеници одржаа дополнителни преговори и постигнаа договор за изменета верзија на текстот, која потоа беше усвоена.

Сѐ повеќе земји воведуваат ограничувања

Сè поголемата загриженост поради влијанието на социјалните мрежи врз развојот на детскиот мозок доведе до воведување нови ограничувања во повеќе земји.

Австралија во 2024 година стана првата држава што им забрани на лицата помлади од 16 години да имаат профили на социјалните мрежи. Законот предвидува платформи како Тикток, Фејсбук, Снепчет, Редит, Икс и Инстаграм да бидат казнети со до 50 милиони австралиски долари доколку не спречат отворање профили од лица под 16 години.

Во Европа, шпанскиот премиер Педро Санчез во февруари најави дека и Шпанија сака да го ограничи пристапот до социјалните мрежи за лица помлади од 16 години. Данска и Грција веќе претставија слични планови, а Велика Британија соопшти дека исто така ја разгледува таквата можност.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен претходно овој месец повика да се воведат ограничувања за користење социјални мрежи од страна на децата. Специјална експертска група на ЕУ препорача пристапот да им биде забранет на деца помлади од 13 години сè додека технолошките компании не докажат дека нивните платформи се безбедни.

Фон дер Лаен исто така изјави дека децата помлади од три години воопшто не треба да бидат изложени на екрани и го посочи бескрајното скролање како една од „зависничките“ функции што технолошките компании мора да ги променат.

Европската комисија наскоро се очекува да предложи заеднички мерки што ќе ги разгледуваат сите 27 земји членки на ЕУ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ