Мерката се презема поради долгогодишното протекување на споменикот, кој во ноември 2025 година беше прогласен за културно добро во опасност.
„Со цел да се заштитат галериите со витражи, кои имаат големи оштетувања, како и стаклените галерии, на лице место се монтира челична конструкција што веќе е изработена. Таа е направена од кутиести профили со различни димензии и ќе биде поставена на сите осум галерии – четири со витражи и четири со стакло, од надворешната страна на првото и второто ниво на споменикот. Над конструкцијата ќе биде поставен лексан со дебелина од 16 милиметри, со што ќе се спречи навлегувањето на вода во Македониумот“, изјави Сузана Грибовска, советник-конзерватор и архитект во Завод и музеј – Прилеп.
Инвестицијата е вредна 5,5 милиони денари, а работите треба да завршат пред 2 Август – Илинден.

„Во ноември 2025 година беше прогласен за културно добро во опасност, каде националната установа Завод за заштита на спомениците на културата подготви проект за прогласување на културно добро во опасност, при што добивме средства од
Влада во вредност од 5,5 милиони денари за превентива и заштита. Се изготви проектот и како што беше сработен од страна на Заводот, се започна со реализација на 20 јули и ќе биде завршено до крајот на овој месец. Превентивата предвидува
заштита на четирите витражни стакла и четирите обични стакла кои се поставени на Македониумот, а тоа е за да се запре протекувањето на водата од што настанува најголемото оштетување на самиот Македониум. Ова е основен проект за превентивна заштита, превентивата завршува до крајот на јули, а во тек е изготвување на основен проект за конзервација и реставрација на Македониумот со кој е целосно опфатен, од статика, градежни зафати, заменување на витражните стакла, металната конструкција…“, изјави Мимоза Христоска, директор на Завод и музеј Прилеп.

Во текот на годинава ќе започнат и истражувањата, како и изработката на основниот проект за целосна конзервација на Македониумот, кој е изграден во 1974 година.
Во пресрет на Илинден се расчистува и просторот околу споменикот.
„Годинава првпат механизирано го расчистуваме просторот околу Македониумот во пресрет на големиот празник. Посетители постојано доаѓаат, а сите ги покануваме и за Илинден да го посетат Крушево“, рече Миха Оџаклиески, директор на Историскиот музеј – Крушево.
Споменикот Илинден – Македониум, кој е еден од најпрепознатливите симболи на современата македонска архитектура, е дело на архитектите Искра и Јордан Грабул.





