Пред публиката настапија поранешни студенти на таа високообразовна институција – сопранистките Весна Гиновска-Илкова и Ана Дурловски, басот Игор Дурловски, пијанистите Катерина Гелебешева-Костадиновска, Кристина Светиева, Јанинка Невчева и Глигор Гелебешев, флејтистката Катерина Бачевска, обоистката Надица Ристиќ-Симовиќ, гитаристот Дарко Багевски и хармоникашот Златко Мадевски.
Нивниот настап, како што беше истакнато, уште еднаш потврди дека од ФМУ-Скопје произлегуваат уметници кои оставиле силен печат врз македонската култура и се афирмирани и на меѓународната сцена.
Деканката на Факултетот за музичка уметност-Скопје, Дарија Андовска, истакна дека е особено значајно што „Охридско лето“ се вклучува во одбележувањето на јубилејот.
„Имаме можност на најголемиот фестивал во Македонија и во регионот да го прославиме нашиот роденден, благодарение на директорот Ѓорѓи Цуцковски, кој е исто така наш алумни, и на целиот тим на Охридско лето. Тоа е од особено значење бидејќи и тие придонесуваат кон прославата на нашата институција која е основата на музичкиот пантеон во Македонија“, рече Андовска.

Таа посочи дека од ФМУ-Скопје произлегле голем број значајни музички институции и ансамбли во земјата, меѓу кои Филхармонијата, Националната опера и балет и Џез оркестарот, како и бројни генерации уметници и педагози.
Андовска најави дека целата 2026 година ќе биде исполнета со настани посветени на јубилејот. Меѓу планираните активности се документарен филм за ФМУ, монографија, како и авторски мјузикл кој ќе ги обедини различните ансамбли и уметнички капацитети на факултетот.
„Имаме балет, џез ансамбл, класичен оркестар, се што е потребно, така што тоа ќе биде круна на сите настани по повод јубилејот“, додаде деканката.
Во изминатите шест децении на ФМУ-Скопје студирале повеќе од пет илјади студенти. Пијанистката и професорка на факултетот Катерина Гелебешева-Костадиновска истакна дека настапот на јубилејниот концерт претставува голема чест за сите учесници.
„Нашата матична установа е можеби најважната образовна институција во градењето на културниот живот во нашата држава. Многу студенти, денес познати уметници, излегоа од нашиот факултет“, рече Гелебешева-Костадиновска, изразувајќи надеж дека соработката со „Охридско лето“ ќе продолжи и во иднина.
Факултетот за музичка уметност-Скопје е основан во 1966 година, а од 1973 година е дел од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.





