среда, 22 јули 2026

Канада ја откажа заедничката прослава со САД за отворањето мост поради трговските закани на Трамп

Канада ја откажа планираната заедничка прослава со Соединетите Американски Држави по повод отворањето на меѓународниот мост „Горди Хау“, кој ги поврзува Виндзор во Онтарио и Детроит, наведувајќи ги како причина трговските закани на американскиот претседател Доналд Трамп.

Фото: Википедија

Објавено на

часот

Сподели

„Во контекст на трговските мерки со кои САД се заканија претходно оваа недела, би било несоодветно да се одржи свечен заеднички настан меѓу двете земји“, изјави Џена Гасабех, портпаролка на канадскиот министер за инфраструктура Грегор Робертсон.

Мостот треба да биде пуштен во сообраќај на 27 јули. Свеченото сечење лента беше закажано за 24 јули, а се очекуваше да присуствуваат американски и канадски претставници, изјави градоначалникот на Виндзор, Дру Дилкенс, за локалните медиуми.

Канада останува „посветена“ на отворањето на мостот на 27 јули, но свеченоста на 24 јули ќе ја одбележи со прослава „меѓу Канаѓаните“, додаде Гасабех.

Трамп во понеделникот најави царини од 50 отсто за широк спектар увозни производи од Канада, како одговор на, според американската администрација, дискриминаторскиот однос на Канада кон американските автомобили, алкохолни пијалаци и млечни производи.

Мостот, вреден 4,7 милијарди долари и именуван по легендарниот хокеар на „Детроит ред вингс“ Горди Хау, првично требаше да биде отворен во јуни. Трамп уште во февруари се закани дека ќе го блокира проектот, наведувајќи ги како причини одбивањето на Канада да продава одредени американски алкохолни пијалаци, канадските царини за млечните производи и трговските преговори на Отава со Кина.

Според Ројтерс, отворањето на мостот било овозможено откако САД и Канада овој месец постигнале договор за наплата на патарината.

Новиот мост треба да го намали товарниот сообраќај преку мостот „Амбасадор“ кон Детроит, најголемиот граничен премин за товарен транспорт меѓу САД и Канада, преку кој во 2023 година биле превезени стоки во вредност од 126 милијарди долари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ