среда, 22 јули 2026

Претседателот на Никарагва: Нема веќе избори

Претседателот на Никарагва, Даниел Ортега, изјави дека во земјата повеќе нема да се одржуваат избори, со што ја исклучи можноста за изборен предизвик кога неговиот мандат ќе заврши следната година и дополнително го зацврсти владеењето што го дели со сопругата Росарио Муриљо, вели Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ортега, кој непрекинато е на власт од 2007 година, по еден претходен претседателски мандат во 1980-тите, рече дека со ова ќе се затвори секој пат за враќање на опозицијата на власт, но не објасни како формално ќе биде спроведена забраната.

„Тука веќе нема да има избори на кои тие ќе се обидуваат да ја преземат власта“, изјави Ортега во неделата вечерта, на одбележувањето на Сандинистичката револуција од 1979 година, со која беше соборена диктатурата на Анастасио Сомоса, поддржана од САД.

„Заврши времето кога партии поддржани од Јенките (Соединетите Американски Држави) и сомосистите ќе се враќаа на власт – никогаш повеќе“, додаде 80-годишниот Ортега, кој првпат се појави во јавноста по два месеци.

Американскиот Стејт департмент не одговори веднаш на барањето за коментар. Администрацијата на Доналд Трамп претходно ја опиша владата на Ортега како диктатура и воведе санкции против повеќе од 2.350 никарагвански функционери и членови на нивните семејства.

Последните избори во Никарагва, одржани во 2021 година, беа широко оспорувани откако Ортега ги уапси своите политички противници и деловни лидери, а несогласувањето со власта го криминализираше.

Минатата година тој дополнително ја зацврсти својата власт преку серија уставни измени, со кои сопругата Росарио Муриљо беше именувана за „копретседател“, а претседателскиот мандат беше продолжен на шест години. Двајцата денес ги контролираат речиси сите државни институции, вклучувајќи ги вооружените сили и судството.

Советот за човекови права на Обединетите нации ја обвини владата на Ортега и Муриљо дека ја претворила земјата во „авторитарна држава“ и систематски ги крши човековите права. Во 2018 година, по масовните антивладини протести, властите спроведоа крвава пресметка во која загинаа повеќе од 300 луѓе.

Аналитичари и опозициски политичари во егзил оценуваат дека изјавата на Ортега само ја потврдува реалноста на владеењето на брачниот пар и открива страв од можно заживување на опозицијата.

„Ортега и Муриљо очигледно се плашат дека и најмало политичко отворање би можело да создаде услови за несогласувањето повторно да се појави и да ја загрози нивната власт“, изјави Тицијано Бреда, висок аналитичар во организацијата за следење политичко насилство.

Според него, наместо повторно да организираат наместени избори, тие решиле целосно да ја укинат изборната конкуренција.

Феликс Марадијага, поранешен претседателски кандидат на опозицијата, кој беше затворен во Никарагва од 2021 до 2023 година пред да биде протеран во САД, рече дека изјавата на Ортега не ја гледа како демонстрација на сила, туку како „признание на страв“.

„Ортега јавно го призна она што отсекогаш била неговата вистинска намера – неговиот тирански проект никогаш да не биде изложен на каква било демократска конкуренција“, изјави Марадијага.

Според Салвадор Маренко од Колективот за човекови права „Никарагва никогаш повеќе“, Ортега практично ја елиминирал политичката конкуренција уште на изборите во 2011, 2016 и 2021 година, а уставните измени од минатата година веќе воспоставиле еднопартиски систем во земјата во која опозициските лидери повеќе не постојат бидејќи се протерани во егзил.

„Тој сака да го избегне ризикот од изборен пораз, затоа што знае дека народот не го сака“, рече Маренко.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ