недела, 26 јули 2026

Полицискиот билтен полн со приведени возачи без дозвола, тешко повредени во сообраќајки, има и деца

Полицијата во текот на изминатите 24 часа регистрираше повеќе тешки сообраќајни несреќи и приведе неколку возачи кои управувале моторни возила без возачка дозвола и покрај изречени забрани.

Објавено на

часот

Сподели

Како што информираше МВР, во Скопје, вчера претпладне, на крстосницата на улиците „Лука Геров“ и „Лазо Димовски Ошенски“, се судриле патничко возило „мерцедес“, управувано од 19-годишник, и мопед управуван од 29-годишен жител на Волково. Во несреќата тешко бил повреден возачот на мопедот, кој бил пренесен во Ургентниот центар при Комплексот клиники „Мајка Тереза“.

Само десетина минути претходно, на регионалниот пат Скопје–Тетово кај селото Глумово, во судир меѓу автомобил „рено“ и мотоцикл „хонда“, тешки телесни повреди добил 46-годишниот мотоциклист, кој исто така бил хоспитализиран во Ургентниот центар.

Во кумановското село Доброшане, 30-годишна жена изгубила контрола над четирицикл и се превртела на коловозот. Во несреќата тешко било повредено петгодишно дете, додека возачката и уште едно осумгодишно дете се здобиле со телесни повреди. Сите биле згрижени во Општата болница во Куманово.

Во струмичкото село Смолари, 19-годишен велосипедист изгубил контрола и паднал на коловозот, при што се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Медицинскиот центар во Струмица.

Покрај сообраќајните несреќи, полицијата привела и повеќе возачи поради други различни прекршоци.

Во Македонски Брод бил уапсен 37-годишен возач кој не застанал на полициска наредба, а по кратко бегство било утврдено дека управувал возило и покрај активна забрана. Во Тетово пак, бил приведен 40-годишен возач на камион кој бил затекнат без возачка дозвола, а возилото му било одземено.

На магистралниот пат Гостивар–Кичево бил лишен од слобода и 23-годишен возач од скопско Чучер-Сандево, кој возел без возачка дозвола, додека во Куманово полицијата привела 26-годишен возач кој возел иако имал активна забрана за управување со моторно возило.

Во Кавадарци, пак, бил приведен 59-годишен мопедист кој управувал пред да добие возачка дозвола, а мопедот немал ниту продолжена полиса за задолжително осигурување.

За сите случаи полицијата најави соодветни пријави по целосното документирање на настаните.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ