Астронаутот на НАСА Крис Вилијамс и руските космонаути Сергеј Куд-Сверчков и Сергеј Микаев слетаа со вселенското летало Сојуз МС-28 во Казахстан, југоисточно од градот Џезказган, околу 15:27 часот по локално време, објави Еуроњуз.
Според НАСА, екипажот поминал 241 ден во вселената, ја обиколил Земјата 3.856 пати и прелетал повеќе од 164 милиони километри.
За време на престојот на станицата тие спроведувале научни истражувања насочени кон подобрување на животот на Земјата и подготовка за идните мисии на Месечината и Марс.
НАСА соопшти дека работата на Вилијамс придонела за развој на нови методи за лекување рак и за унапредување на производството на материјали што се користат во компјутери и електроника со високи перформанси.
Тој извршил и две прошетки во отворена вселена за подготовка на надградба на енергетскиот систем на станицата и за замена на неисправен зглоб на роботската рака Канадарм2.
Руската вселенска агенција Роскосмос соопшти дека во рамките на мисијата била изведена и една руска прошетка во отворена вселена.
За време на неа била поставена опрема за научниот експеримент „Сонце-Терахерц“, чија цел е проучување на терахерцното зрачење на Сонцето.
Од Роскосмос додаваат дека екипажот примил и две руски товарни летала Прогрес МС, кои на станицата доставиле вода, гориво, атмосферски гасови и други неопходни резерви.
По слетувањето, членовите на екипажот ќе поминат лекарски прегледи, по што ќе бидат префрлени во Караганда, каде што ќе ги пречекаат тимовите задолжени за нивниот прием.
Потоа, Вилијамс со авион на НАСА ќе биде пренесен во Вселенскиот центар „Џонсон“ во Хјустон, додека Куд-Сверчков и Микаев ќе заминат во Центарот за обука „Ѕвезден град“ во близина на Москва.
Со нивното враќање започнува Експедицијата 75 на Меѓународната вселенска станица, која треба да трае до пролетта 2027 година.
Новата екипа, која пристигна на ИСС претходно овој месец со леталото Сојуз МС-29, ја сочинуваат астронаутот на НАСА Анил Менон, руските космонаути Пјотр Дубров и Ана Кикина, како и астронаутите Џесика Меир, Џек Хатавеј, Софи Адено од Европската вселенска агенција и рускиот космонаут Андреј Федјаев.
Според НАСА, во рамките на Експедицијата 75 ќе се истражуваат технологии за производство во вселената, примена на проширена реалност и вештачка интелигенција за следење на здравјето на екипажот, како и биопечатење човечко ткиво.





