недела, 26 јули 2026

Романија собори уште еден дрон со Ф-16, го повика рускиот амбасадор на разговор

Романија го повика рускиот амбасадор на разговор откако нејзината војска собори трето беспилотно летало во последните три дена. Од почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година, во романскиот воздушен простор често навлегуваат дронови, но армијата почна да ги соборува дури од минатиот петок, пишува Гардијан.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Последниот инцидент се случил денеска, кога романски борбен авион Ф-16 соборил беспилотно летало над Црно Море само пет минути откако навлегло во воздушниот простор на земјата.

Информацијата на Фејсбук ја објави министерот за одбрана Раду Мируца.

Министерката за надворешни работи Оана Цоиу изјави дека Романија го повикува рускиот амбасадор поради „повторените нарушувања“ на воздушниот простор.

Романскиот претседател Никушор Дан изјави дека истрагата потврдила оти дронот соборен во петокот бил од типот „шахед“, каков што Русија користи во нападите врз Украина.

Тој додаде дека истрагите за беспилотните летала соборени во саботата и денеска продолжуваат.

„Неприфатливо е и недозволиво Руската Федерација да продолжи да го нарушува романскиот воздушен простор, кој воедно е и воздушен простор на НАТО и Европската Унија“, напиша Дан на Икс.

Според портпаролот на НАТО, Мартин О’Донел, и дронот соборен денеска најверојатно е од руско потекло.

Тој рече дека овие инциденти се случуваат во период кога Романија и другите членки на НАТО активно набавуваат нови системи за пресретнување од земја за дополнително зајакнување на противвоздушната одбрана.

Романија на крајот на јуни во својот одбранбен систем го интегрираше американскиот систем Меропс за борба против дронови. Станува збор за мобилен систем што користи вештачка интелигенција за пресретнување мали цели што летаат ниско.

Од почетокот на војната во Украина, Романија регистрирала десетици случаи на навлегување беспилотни летала во нејзиниот воздушен простор.

Во мај, еден дрон се урна врз станбена зграда во градот Галац, во близина на украинската граница, при што беа повредени две лица.

Романскиот парламент во 2025 година усвои закон со кој се дозволува соборување дронови што нелегално ќе навлезат во воздушниот простор на земјата. И други држави во близина на војната во Украина од почетокот на конфликтот соборуваат беспилотни летала што ја нарушуваат нивната безбедност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ