Во Битола беше одржан првиот собир на екипата, на кој новиот шеф на стручниот штаб, Лино Червар, ги поздрави ракометарите и ги запозна со програмата што ќе ја следат во наредниот период. Искусниот хрватски стратег им посака успешна сезона и што помалку проблеми со повреди.
Програмата предвидува во следните два дена играчите да ги минат задолжителните медицински прегледи, по што ќе следува работа со полн интензитет. Тимот вечерва ќе ја има и традиционалната заедничка вечера со која симболично ќе биде означен почетокот на сезоната.
Во однос на играчкиот кадар, Пелистер доби осум нови имиња. Во зелено-белиот дрес оваа сезона ќе настапуваат Алекса Колаковиќ, Мартин Серафимов, Миха Котар, Омер Мехмедовиќ, Едвин Џелетовиќ, Малик Татар, Ненад Белистојаноски и Диего Басанесе.
Од клубот, пак, си заминаа Усама Хосни, Богдан Радивојевиќ, Илија Абутовиќ, Домен Тајник и Дејан Манасков.
Првиот дел од подготовките ќе се реализира во Битола, а потоа битолчани ќе се преселат во Словенија, каде ќе ја одработат базичната фаза и ќе ја темпираат формата за стартот на новата сезона.
По Охрид, Алкалоид и Еурофарм Пелистер, останува уште актуелниот шампион Вардар 1961 да го означи почетокот на подготовките. „Црвено-црните“ првиот собир ќе го имаат утре во салата „Расадник“ во Скопје.





