По тој повод, Ѓорѓиевски на Фејсбук порача дека Скопје и по шест децении се сеќава на жртвите од земјотресот што на 26 јули 1963 година, во 5:17 часот, однесе повеќе од илјада животи и зад себе остави разурнати домови и разделени семејства.
„За само неколку секунди беа згаснати повеќе од илјада човечки животи, разурнати домови и разделени семејства. Зад секоја бројка остана нечие дете, родител, сопруг, пријател, нечиј цел свет. Денес, со длабока почит, се поклонуваме пред споменот на жртвите. Нивната болка е вградена во темелите на нашиот град, а обврската да не ги заборавиме е вечна“, пишува во објавата.

Во објавата тој потсетува дека по катастрофата светот му подал рака на Скопје и помогнал во неговата обнова, поради што градот станал симбол на човечноста и светската солидарност.
„Денес, наша должност е да продолжиме таму каде што застанаа генерациите пред нас – да го чуваме, унапредуваме и градиме со визија, одговорност и љубов кон секој негов дел. Да создадеме современо, безбедно и достоинствено Скопје, град што ќе го почитува своето минато, но храбро ќе ја гради својата иднина. Затоа што најголемата почит кон оние што ги загубивме е да создадеме град достоен за нивниот спомен и за генерациите што доаѓаат“, наведува градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.






