Највисока концентрација на алкохол е измерена кај 44-годишен прилепчанец. Синоќа на крстосницата меѓу улиците „Архиепископ Доситеј“ и „Ристе Секирчанец“ во Прилеп, полицијата го запрела неговото возило „шевролет“ и утврдила дека возел со 2,40 промили алкохол во крвта. Тој бил лишен од слобода и против него ќе следува соодветен поднесок.
По полноќ, во Битола бил приведен 19-годишник кој управувал „фолксваген голф“ со 1,53 промили алкохол.
Во исто време на улицата „Драчевска“ во Скопје, полицијата сопрела 24-годишен скопјанец кој управувал „БМВ“ без возачка дозвола, а алкотестот покажал 0,71 промили алкохол.
Еден час по полноќ пак, во Делчево бил приведен 41-годишен жител на Виница, кој возел „фолксваген голф“ со шведски регистарски таблички. Кај него биле измерени 1,65 промили алкохол.
Еден час подоцна, на булеварот „Гевгелија“ во Гевгелија, бил лишен од слобода 46-годишен жител на Неготино кој управувал „ауди“ со 1,63 промили алкохол. Тој е задржан во полициска станица, а по насоки на јавен обвинител против него ќе биде поднесена кривична пријава за безобѕирно управување со моторно возило.
Последниот случај е регистриран денеска, два часа после полноќ на регионалниот пат Тетово – Брвеница, каде полицијата запрела „хјундаи“ со скопски регистарски таблички управувано од 45-годишен тетовец. Алкотестот покажал 1,67 промили алкохол, по што возачот бил приведен. И против него ќе биде поднесена кривична пријава за безобѕирно управување со моторно возило.





