Моџтаба Хамнеи, кој не се појавува во јавноста од февруари, кога беше ранет во израелски напад извршен со поддршка на американските разузнавачки служби, во кој загина неговиот татко Али Хамнеи, кого го наследи на функцијата врховен лидер, никогаш јавно не повикал на развој на атомска бомба.
Меѓутоа, во Вашингтон сметаат дека тој има амбиција Иран да развие мало термонуклеарно оружје што би можело да го носи ракета со долг дострел.
Американските претставници, сепак, нагласуваат дека поголем дел од разузнавачките информации за тоа биле собрани пред војната и дека Техеран засега не презел никакви чекори за обновување на својата нуклеарна програма, туку само за заштита на својата опрема.
Иран, наводно, ги префрлил центрифугите за збогатување ураниум во силно утврден подземен комплекс, на 100 метри под површината на гранитната планина Коланг во централниот дел на земјата. Вашингтон ја нарекува „Планина Пикакс“, што е превод од фарси на нејзиното име, добиено според начинот на кој бил пробиен планинскиот премин.
Локацијата е закопана предлабоко за да можат да ја погодат најмоќните американски конвенционални бомби, но сепак би можела да стане цел бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп размислува за засилување на воената кампања против Иран.
И покрај американските напади во јуни 2025 година врз постројките во Фордо, Натанц и Исфахан, иранските резерви на високо збогатен ураниум останале недопрени и достапни, објави Њујорк тајмс.





