сабота, 25 јули 2026

Трамп стави капа „Трамп 2028“: Пак ќе се кандидирам (ВИДЕО)

Американскиот претседател Доналд Трамп на одложената вечера на Здружението на дописници од Белата куќа упати остри критики кон медиумите, но дел од говорот го искористи и за шеги и помирливи пораки. Свеченоста, посветена на слободата на медиумите, се одржа три месеци откако првично беше откажана поради пукањето, пренесува Би-би-си.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Иако многумина очекуваа жесток напад врз медиумите, едночасовниот говор на Трамп имаше променлив тон. Во делови беше срдечен и помирлив, шегувајќи се дека „вториот пат секогаш е подобар“ и додавајќи дека ги почитува „повеќето“ присутни новинари.

„Како што реков пред три месеци, претставата мора да продолжи“, рече Трамп.

Истовремено, тој обвини голем дел од новинарите дека страдаат од „синдромот на Трампово нарушување“ и упати лични навреди кон неколкумина од нив, како и кон демократски политичари и јавни личности.

„Ова навистина е најголемата група луѓе со ‘синдром на Трампово нарушување’ што некогаш се собрале на едно место“, изјави тој.

Трамп се пошегува дека медиумската индустрија ќе пропадне кога тој ќе ја напушти функцијата бидејќи „нема да има за што да известува“, а потоа стави капа со натписот „Трамп 2028“ и порача:

„Повторно ќе се кандидирам.“

Во говорот тој ги повика Американците да ја почитуваат слободата на говорот.

„Несогласувањата не ги решаваме со куршуми, туку со отворена и енергична дебата. И ниту еден пореметен губитник со пиштол никогаш нема да го промени тоа. Не смееме да дозволиме тоа да се случи“, рече Трамп.

Настанот се одржа во поинакви околности од вообичаеното. Првичната вечера во април беше прекината поради оружен напад, а тогашната претседателка на здружението изјави дека „нема да дозволи актот на насилство да го има последниот збор“.

Новата претседателка на Здружението на дописници од Белата куќа, Вејџија Џијанг од Си-би-ес њуз, најави дека следната година настанот повторно ќе се одржи во хотелот „Вашингтон Хилтон“, каде што се случи нападот.

Трамп му врачи признание на агентот на Тајната служба Виктор Гонзалез, кој беше ранет во април при интервенцијата. Осомничениот за нападот, 31-годишниот Кол Томас Ален, е обвинет за атентат врз претседателот.

Поради безбедносните мерки, на свеченоста присуствуваа околу 700 гости, значително помалку од повеќе од 2.000 колку што се очекуваа првично. Областа околу хотелот беше затворена, а беа распоредени голем број полицајци, припадници на Националната гарда и агенти на Тајната служба.

Односите меѓу Белата куќа и медиумите остануваат затегнати. Неодамна Трамп се закани дека ќе им ги одземе дозволите на телевизиските мрежи што не го пренесуваа неговото обраќање за безбедноста на изборите.

За време на вечерата тој седеше додека новинарите од медиумите со кои е во конфликт, меѓу кои Њујорк тајмс, Си-ен-ен и Волстрит џурнал, ги примаа своите награди.

Меѓу наградените беше и тимот на Волстрит џурнал, кој доби признание за известувањето за врските на Трамп со сега покојниот финансиски инвеститор Џефри Епстин.

На свеченоста присуствуваа и министерот за одбрана Пит Хегсет, вршителот на должноста државен обвинител Тод Бланш, директорот на ФБИ Каш Пател, министеротза финансии Скот Бесент и министерот за трговија Хауард Лутник.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ