Во гостување во подкастот „Make Noise“, 31-годишниот Австралиец истакна дека сака да остави трага во два различни спорта и токму тоа е една од неговите најголеми цели.
„Сакам во еден момент да играм професионална кошарка. Една од моите следни цели е да бидам професионалец во два спорта. Кога ќе ја завршам тениската приказна, би сакал да играм професионална кошарка некаде во Европа. Сакам да бидам еден од спортистите кои професионално настапувале во два спорта на високо ниво“, изјави Кирјос.
Кирјос никогаш не криел дека кошарката е неговата прва спортска љубов. Во повеќе наврати откри дека како дете сонувал да стане кошаркар, а и денес е редовен следбеник на НБА лигата и често ги коментира најактуелните случувања од светот на кошарката на социјалните мрежи.
Останува да се види дали по крајот на тениската кариера навистина ќе го оствари својот план и ќе се обиде да изгради професионална кошаркарска кариера во Европа.





