сабота, 25 јули 2026

Романските сили втор ден по ред соборија дрон што навлегол во нивниот воздушен простор

Романија денеска соопшти дека соборила беспилотно летало што навлегло во нејзиниот воздушен простор, втор ден по ред, над слабо населена област во близина на границата со Украина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Првиот дрон, за кој романските истражители соопштија дека бил руски, беше соборен во петокот. Тоа беше првпат Романија да собори беспилотно летало по повеќе од 30 нарушувања на нејзиниот воздушен простор од почетокот на руската инвазија врз Украина.

Романскиот претседател Никушор Дан на социјалните мрежи објави дека второто летало било соборено во 8:30 часот, на околу 10 километри западно од местото Сфанту Георге, во близина на делтата на Дунав.

Министерството за одбрана соопшти дека радарите го регистрирале нарушувањето на воздушниот простор во 8:22 часот, по што биле подигнати два борбени авиони Ф-16. Министерството не соопшти од каде потекнувал дронот соборен денеска.

Романија, која има околу 650 километри долга граница со Украина, наведува дека руски беспилотни летала навлегле во нејзиниот воздушен простор околу 30 пати откако Москва во 2022 година почна да ги напаѓа украинските пристаништа.

Во мај годинава руски дрон удри во станбена зграда во југоисточниот романски град Галац, во близина на украинската граница, при што беа повредени две лица. Тоа беше прв случај густо населено подрачје во земја членка на НАТО да биде погодено и да има повредени од почетокот на војната во Украина, пренесува Ројтерс.

Началникот на Генералштабот на романската армија Георгица Влад во петокот изјави дека руските напади врз областа околу украинското пристаниште Одеса се засилиле во пресрет на жетвата, што дополнително го зголемува притисокот врз клучните енергетски и трговски рути во Црно Море.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ