петок, 24 јули 2026

Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд е разрешен поради обвинувања за сексуално вознемирување

Претставниците на земјите членки на Меѓународниот кривичен суд (МКС) денес гласаа за разрешување на главниот обвинител на судот, Карим Кан, речиси две години откако се појавија обвинувања за сексуално вознемирување, потврдија дипломати за Асошиејтед прес.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Британскиот адвокат Карим Кан е обвинет за сексуално вознемирување кон негова колешка, што тој жестоко го негира.

На вонреден состанок во Њујорк, со големо мнозинство гласови, 125 земји членки на судот го разрешија Кан од должноста, што е првпат главен обвинител на тој суд да биде разрешен од функцијата.

Случајот ги подели организациите за човекови права, судскиот персонал и земјите членки во време кога МКС се соочува со сериозни предизвици, вклучително и кампањата на Соединетите Американски Држави насочена кон, како што велат критичарите, поткопување на работата на судот, основан за гонење на оние што се одговорни за најтешките злосторства против човештвото.

Кан беше формално отстранет од функцијата во јуни откако извештајот на надзорниот орган на судот, Извршниот комитет, заклучи дека тој извршил „сериозно прекршување на службената должност“.

Според документите до кои Асошиејтед прес имал увид, Кан бил во сексуална врска со соработничка и се обидел да ја спречи да продолжи со изнесување на обвиненијата. Тој ги оспорува тие наоди.

Холандија, како земја домаќин на судот, Франција и Норвешка беа меѓу првите што јавно објавија дека ќе гласаат за негово отстранување.

„Веруваме дека е докажано надвор од секое разумно сомнение дека неговото однесување претставува сексуално вознемирување и злоупотреба на моќ“, изјави норвешкиот заменик-министер за надворешни работи Андреас Мотсфелд Кравик во изјава за Асошиејтед прес.

Холандскиот министер за надворешни работи Том Берендсен минатата недела во писмо до парламентот изјави дека има доволна поддршка за отстранување на Кан.

Претседателката на Собранието на земјите членки, Паиви Каукоранта, на отворањето на седницата изјави дека гласањето ќе се одржи зад затворени врати за да се разгледа „сложено и чувствително дисциплинско прашање“ во рамките на надзорната улога што ова тело ја има над работата на Меѓународниот кривичен суд.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ