Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на 23 јули 2026 година, во 18:00 часот, во СВР Скопје, Д.З. (26) од Скопје пријавила дека истиот ден, околу 14:30 часот, додека се движела со своето возило на подрачјето на Центар, до неа се доближило лице кое управувало мотоцикл за вршење достава.
Според пријавата, мотоциклистот агресивно се однесувал кон неа, а потоа почнал и да ја следи. Кога жената застанала на семафор, лицето се обидело да ја отвори возачката врата од автомобилот. Откако не успеало во намерата, го оштетило нејзиното возило, по што се оддалечило.
Од МВР велат дека се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот и за идентификување на сторителот.





