Безбедноста на прво место
Иако најчесто се препорачува носење удобна облека, стручњаците предупредуваат дека одредени парчиња облека можат да претставуваат проблем – не поради изгледот, туку поради безбедноста на патниците и кабинскиот екипаж.
Поранешен член на кабинскиот екипаж на „Бритиш ервејс“ објасни дека одредени парчиња облека можат да им го отежнат движењето на стјуардесите и стјуардите, особено за време на ноќните летови кога осветлувањето во кабината е пригушено.
Во такви услови, на персоналот му е потешко да забележи пречки во ходниците меѓу седиштата, особено кога патниците ги истегнуваат нозете.
Тој како пример ги наведе црните чорапи, кои, поради нивната темна боја, лесно се вклопуваат во сенките во кабината при слаба осветленост. Поради тоа, членовите на кабинскиот екипаж можат дури во последен момент да ги забележат испружените стапала, што го зголемува ризикот од сопнување и евентуални повреди, особено кога носат послужавници со топли пијалаци.
„Не станува збор за мода, туку за видливост. Сè што е тешко да се види на подот може да претставува ризик од несреќа“, рече тој.
Лична хигиена
Тој истакна дека нема ништо против тоа патниците да се опуштат за време на долгите летови, но смета дека пред качувањето во авионот треба да водат сметка за личната хигиена.
„Од патниците се очекува да се искапат или истушираат и да облечат чиста облека пред да се качат во авионот. Единствениот вистински проблем се непријатните мириси“, рече тој.
Кога станува збор за идеална облека за лет, експертите препорачуваат природни материјали како памук, волна, лен и свила, бидејќи тие ѝ овозможуваат на кожата да дише и обезбедуваат поголема удобност за време на патувањето.





