Руските научници се обидоа да утврдат дали постои крајна граница на животниот век на човекот ако се елиминираат сите главни причини за стареење, освен промените во ДНК на клетките познати како соматски мутации, објави порталот.
Мутациите во ДНК имаат тенденција да се натрупуваат во текот на животот, додека клетките се делат или претрпуваат оштетувања како резултат на метаболизмот и влијанијата од околината. Овој важен фактор на стареењето е многу тешко да се отстрани.
Во најновото истражување научниците претставиле математички модел со кој симулираат како различни органи постепено пропаѓаат поради натрупувањето на соматски мутации со текот на времето.
Истражувачите симулираа идеално сценарио во кое други клучни фактори на стареење, како што се хроничното воспаление, митохондријалната дисфункција и акумулацијата на стареечки клетки, би можеле целосно да се променат.
„Развивме модел кој постепено ги вклучува факторите што придонесуваат за стареењето во модел на динамика на преживување на популацијата, а потоа го користевме за да ги процениме границите на животниот век ако се отстранат сите знаци на стареење освен соматските мутации“, велат авторите на студијата.
Студијата покажува дека различните органи многу различно реагираат на оштетувањата предизвикани од мутациите во ДНК.
Мозокот и срцето се особено чувствителни, бидејќи некои од нивните клучни клетки не можат да се заменат и ретко се делат или обновуваат по раѓањето.
Црниот дроб, од друга страна, е способен постојано да ги заменува истрошените и остарени клетки.
Кога истражувачите ги обединиле симулациите на различните органи во единствен модел, заклучиле дека луѓето кај кои единствена причина за стареењето би биле мутациите, би можеле да достигнат просечен животен век од 146 до 194 години.
„Нашите резултати покажуваат дека, дури и ако се отстранат сите знаци на стареење освен соматските мутации, просечниот човечки животен век би достигнал меѓу 146 и 194 години, што е приближно двојно повеќе од денешниот просек од 79 години“, се наведува во студијата.
„Оваа приближно двојна разлика во просечниот животен век сугерира дека други механизми на стареење веројатно го ограничуваат животниот век на човекот исто колку и соматските мутации“, се додава во извештајот.
Сепак, истражувачите предупредуваат дека нивните заклучоци во голема мера зависат од претпоставките за тоа како органите функционираат и откажуваат и нагласуваат дека резултатите треба да се толкуваат како теоретски, бидејќи студијата не е експериментален доказ.
Наодите, пред сè, укажуваат дека мутациите во ДНК веројатно ќе останат најголемата пречка за продолжување на човечкиот животен век, дури и ако идната медицина успее да ги отстрани сите други реверзибилни аспекти на стареењето.
Студијата исто така покажува колку индивидуалните механизми на стареење придонесуваат за целокупниот животен век.
„Нашата работа претставува важен прв чекор кон разложување на процесот на стареење на мерливи механизми“, напишаа научниците.
„Во крајна линија, вклучувањето на други главни фактори на стареење би можело да го отвори патот кон сеопфатна механистичка теорија за стареењето.“





