Сепак, ако сте изложени на долготраен стрес, особено во средните години, ваквите пропусти можат да станат почести. Експертите објаснуваат дека хроничниот стрес го зголемува нивото на кортизол, хормон кој може да ги наруши меморијата и способноста за присетување, пренесува Хелт.
Кога организмот подолго време е изложен на стрес, покачениот кортизол влијае врз деловите од мозокот одговорни за меморијата, емоциите и донесувањето одлуки, вклучувајќи ги хипокампусот, префронталниот кортекс и амигдалата. Поради тоа е отежнато создавањето нови спомени, но и присетувањето на старите.
Хроничниот стрес може да ја наруши и таканаречената проспективна меморија, односно способноста за запомнување на планирани обврски, како што се земање лекови или водење важен телефонски повик.
Средната возраст честопати носи дополнителни извори на стрес, како што се работните обврски, финансиските проблеми и грижата за децата или постарите членови на семејството. Кај жените за тоа придонесуваат хормоналните промени за време на перименопаузата и намалувањето на нивото на естроген, додека кај мажите над 35 години постепено се намалува нивото на тестостерон, што исто така се поврзува со когнитивен пад.
Повремените пропусти, како што се заборавање на некој збор или причината поради која сте влегле во просторија, главно не се причина за загриженост. Сепак, ако често ги поставувате истите прашања, се губите на познати места, не можете да следите упатства или имате тешкотии при извршувањето на секојдневните обврски, се препорачува преглед кај лекар.
Истражувањата покажуваат дека луѓето кои се под голем стрес во средните години имаат поголем ризик од когнитивен пад подоцна во животот. Затоа експертите препорачуваат редовна физичка активност, квалитетен сон и техники за релаксација како што се свесност (mindfulness), длабоко дишење или јога. Разговор со психолог или психотерапевт и поддршка од семејството и пријателите исто така можат да бидат корисни.
Доколку заборавеноста почне значително да влијае врз секојдневниот живот, важно е да побарате стручна помош за да се исклучат други можни причини, како што се нарушувања на тироидната жлезда, недостаток на витамини или нарушувања на спиењето.





