четврток, 23 јули 2026

Финансиската полиција поднесе кривична пријава за даночно затајување, буџетот оштетен за над 8 милиони денари

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Струга поднесе кривична пријава против физичко лице – сопственик и управител на правно лице, како и против самото правно лице, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Даночно затајување“ од член 279 од Кривичниот законик.

Објавено на

часот

Сподели

Според соопштението на Управата за финансиска полиција, првопријавениот С.З., во својство на сопственик и управител на правниот субјект, со намера да стекне противправна имотна корист за себе и за фирмата, не пријавил и не платил даночни обврски поврзани со набавена трговска стока евидентирана како залиха заклучно со 31.12.2025 година, во вкупна вредност од 26.085.138 денари.

„Првопријавениот не пресметал, не пријавил и не платил данок на додадена вредност (ДДВ) по даночна стапка од 18 проценти во износ од 4.231.907 денари и ДДВ по даночна стапка од 5 проценти во износ од 128.727 денари, како и данок на личен доход по даночна стапка од 11,11 проценти во износ од 2.898.059 денари“, се наведува во соопштението.

Од Управата дополнуваат дека пријавениот не ги признал како приход ниту застарените и ненамирени обврски во вкупен износ од 8.120.980 денари, прикажани во бруто-билансот за 2025 година. Иако бил должен да поднесе даночен биланс и да ја прикаже даночната обврска, тој воопшто не поднел даночен биланс, ниту пресметал, пријавил и платил данок на добивка во износ од 812.098 денари.

„Со наведените дејствија, пријавените не ги пресметале, не ги пријавиле и не ги уплатиле законски утврдените даночни обврски, со што го оштетиле Буџетот на Република Македонија за вкупен износ од 8.070.791 денари“, соопшти Управата за финансиска полиција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ